Достапни линкови

logo-print

Доцна е за да се добие позитивна оценка, коментираат експертите


Околу една недела пред годишниот извештај на Европската комисија премиерот и претседателот ја помрднаа лошата кохабитација од мртва точка. Груевски ги прифати предлозите на Црвенковски за Судскиот совет и за амбасадорските места. Од канцеларијата на Европската Комисија во Скопје велат дека се свесни за напорите кои што се прават за да се постигне прогрес, но го потенцираат и фактот дека премногу време беше изгубено досега за клучно прашање кое се однесува на европската агенда. Судскиот совет функционира во неполн состав девет месеци. Предлогот на шефот на државата, Советот да се комплетира преку негaтивна елиминација на 35 кандидати кои се пријавени за петте празни места беше начелно прифатен од сите партии освен од ДУИ. Според Димитар Мирчев професор на Факултетот за општествени науки една од причините зошто обидот за решавањето на ова прашање се прави во последен момент е токму преголемото влијание на партиите. Тие се „ценкаат“ вели Мирчев на сметка на државата

„Тој процес апсолутно треба да биде во Собрание, меѓу собраниски комисии, меѓу партиски, пратенички клубови да дискутираат, а не централни раководства на партиите.“

за разлика од Мирчев, Јетон Шасивари професор на универзитетот на Југоисточна Европа причината за големото доцнење ја лоцира на друго место:

„Се работи за процес на немање кохабитација помеѓу двајцата носители на извршната власт во Македонија, односно премиерот и претседателот. Значи како резултат на народски кажано „терање на инает“ помеѓу нив двајца дојдовме до оваа ситуација.“

Но и двајцата се согласуваат дека краток е периодот до извештајот на Европсккта комисија. Доцна е да очекуваме позитивна оценка, велат Мирчев и Шасивари.

„Затоа што работата не е набрзина да се усогласат, туку треба да биде резултат на еден порационален, подолг период на разговори, споредувања и слично.“

„Сепак е доцна во поглед на позитивен извештај од ЕК, но ова сега што се прави е всушност ,,фаќање на време“ за позитивен извештај во блиска иднина, значи кога ќе дојде на ред наредниот извештај.“
XS
SM
MD
LG