Достапни линкови

Изградба на консензус пред состанокот во Индонезија за замена на протоколот од Кјото


Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун денеска е домаќин на самитот посветен на климатските промени. Се очекува на собирот да учествуваат осумдесет шефови на држави и други високи претставници од сто пеесет и четири земји во светот. Целта на самитот е изградба на консензус пред декемврискиот состанок во Индонезија на кој треба да почнат разговорите за замена на протоколот од Кјото чија важност завршува по пет години.

Уште од преземањето на функцијата, шефот на Обединетите Нации Бан Ки Мун стави јасно до знаење дека климатските промени ќе бидат приоритет во неговата работа. Потенцирајќи ги се почестите високи темеператури и топењето на мразот на половите Бан Ки Мун изјави дека доколку не се преземат пообемни мерки, последиците од затоплувањето би можело да бидат катастрофални.

„Ова ќе биде состанок каде што лидерите од светот заеднички ќе ја обноват посветеност за решавање на проблемот кој не погодува сите. “

Ураганите, поплавите и сушите веќе погодуваат големи територии на кои се населени луѓе. Можно е наскоро Обединетите Нации да се соочат и со нова категорија расселени лица, кои ќе бегаат од поплавените подрачја или од зоните кои стануваат пустини. Затоа Бан Ки Мун смета дека најпотребно за справување со проблемот е политичката заложба.

„Она што сакам да го постигнеме на крајот од самитот е силна политичка порака на лидерско ниво за преговорите во Бали во декември. Не смееме да дозволиме никаков вакуум по протоколот од Кјото.“

Овој протокол беше постигнат пред десет години и со него триесет и седум индустријализани земји се обврзуваат да ја намалат емисијата на јаглерод диоксид. Но, во две илјади и првата, Соединетите Држави кои се најголемиот загадувач на атмосферата, се откажаа од таквата обврска, наведувајќи дека целта на протоколот е нереална и оти најмногу штета од тоа ќе има американската економија. Во светот веќе постои консензус дека без учеството на Соединетите Држави секој нов протокол за намалување на загаденоста на Платенава ќе биде без поголеми ефекти. Научниците предвидуваат дека до крајот на веков температурата би пораснала од два до четири степени целзиусиви, додека нивото на морињата би било повисоко за еден метар. Од климатските промени, според испитувањата, ќе има и победници и губитници. Имено, ќе има земји, посебно оние северните кои, поради топлото време ќе прераснат во големи земјоделски сили. Затоа пак, најпогодени ќе бидат сиромашните земји.

„Битката против климатските промени не е војна против нафатата и јагленот. Мислам дека тоа ни го покажуваат примерите со Кина и Индија каде што без употреба на јагленот не би можело да дојде до нивен економски раст. Работата е тој да се користи на почист начин. “

Вели Иво Де Бер извршен директор на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатските промени.
XS
SM
MD
LG