Достапни линкови

Инвеститорите се дисциплинирани и разбираат дека мора да се работи согласно Законот


Намален е бројот на дивоградбите во главниот град, велат од општините Центар и Кисела Вода, три месеци откако министерството за транспорт и врски им ги врати надлежностите за издавање градежни дозволи и решенија за уривање дивоградби на локалните власти. Од општина Кисела Вода велат дека рушењето на дивоградби не е акција, туку секојдневна работа на градежниот инспекторат.

,,Не треба да изненадува ако некоја зграда се руши уште од самите темели, а тоа ние со години го правиме, бидејќи ние нема да дозволиме зградата да се изгради до пет ката, па после тоа да рушиме.“

Изјави Тони Чуповски, портпарол на општина Кисела Вода. За да не се повторат Фиком, Раба, Самарија и други градежни афери, Кисела Вода гарантира дека истиот стан нема да биде продаден на повеќе лица, но со претходен договор меѓу инвеститорот и општината, објаснува Чуповски. И од општината Центар велат дека работат на намалување на бројот на дивоградбите и оти работите се менуваат во позитивен правец.

„Инвеститорите релативно се дисциплинирани и разбираат дека мора да се работи согласно издадената документација и согласно законот и мислам дека она што го имаме направено во последно време многу допринесе да се воведе ред во урбанизмот.“

Изјави Милан Пижула, главен градежен инспектор во општина Центар.
По неколкуте скандали во земјава, од градежните фирми се жалат на намален обем на работата, но и на заострените критериуми за добивање дозвола за градење. Ако порано градежна дозвола се добиваше за неколку дена, сега за истиот документ ни е потребна цела година, вели Васко Џепароски, сопственик на градежно претпријатие.

„Година дена чекавме да ја добиеме дозволата и со ,,триста трчања“, протоколи и да не ви кажувам на колку пречки наидуваме за да ја завршиме работата.“

Од агенциите за недвижности пак велат дека не е намален интересот за купување на станови, туку понудата. Сепак признаваат оти луѓето станале попретпазливи при купување на станбен простор.

„Има поголемо барање на станови, отколку што има реално изградено станови. Значи можеби луѓето се поскетпични во однос на плаќање однапред на невидено да речам, меѓутоа за вселиви станови има повеќе барања отколку што има понуда.“

изјави претставник на агенција за недвижности.
XS
SM
MD
LG