Достапни линкови

Судските реформи, правичната застапеност и договорот со ДУИ се главните забелешки од НАТО


Вчера беше претставен Акциониот план на Македонија во Брисел кои беа клучните забелешки кои пристигнаа оттаму?

Најпрво имавме позитивни реакции во однос на високата поддршка во јавноста за зачленувањето на Македонија во НАТО, реформите во одбраната, учеството кое го имаме во мисиите надвор, создавањето на една подобра економска клима во земјата. Секако имаше и забелешки, добронамерни препораки кои се однесуваат на три нешта. Прво, комплетирање на судските реформи, второ подобрување на нивото и понатамошно работење на правичната застапеност во администрацијата и безбедносните структури и трето, имплементирање на она што беше дел од договорот во политичкиот дијалог кој го имавме со ДУИ, особено на собранискиот деловник, но и на останатите две договорени прашања како и на продолжување на дискусијата со сите главни политички субјекти. Тоа се главните добронамерни критики на кои работиме и вложуваме енергија и мислам дека во скоро време ќе имаме и позитивни резултати во овие области.

Дали со вчерашната лидерска средба, односно донесувањето на судските реформи очекувате подобрување во извештајот, односно датум за отпочнување на преговорите?

Средбата многу охрабрува. Особено средбата на претседателите на политичките партии на која присуствуваше и претседателот Црвенковски. Останува да се види дали ДУИ ќе смогне сили да биде конструктивна во овој пристап и да го прифати она што го прифатија сите, а тоа е наоѓање на заеднички механизам и модел како да се стигне до комплетирање на Републичкиот Судскиот совет. Доколку овие реформи се случат во следниов пократок период, шансите за добивање на позитивен извештај од страна на Европската Комисија ќе се зголемат, но во секој случај треба и да бидеме оптимисти и да бидеме посветени на тоа, но истовремено и да бидеме и воздржани кога станува збор за експлицитно определување на датум. Она што може да се констатира е дека 2007 година ќе биде година на пресудни реформи во Република Македонија и нивна сериозна оценка од страна на НАТО и ЕУ, а 2008 година ќе биде онаа историска година за нас во која ќе го направиме исчекорот со евентуалното добивање на покана на следниот самит на НАТО во Букурешт, за што сме многу сериозни кандидати и со добивање на датум и отпочнување на преговорите со ЕУ.

Како признавањето на уставното име на Македонија од страна на Канада може да влијае на односите со Грција во наредниот период?

Не мислам дека ќе има некое сериозно влијание затоа што ова е сепак одлука на канадската Влада, која е резултат на добрите и пријателски односи со Република Македонија и на нашето сојузништво во одредени мисии во НАТО. Нашето уставно име значи зајакнување на кохезијата и потенцијалната стабилност во самата земја. Во таа смисла при упатувањето на честититката за резибор на колешката Бакојани срдечно ја поканив уште еднаш да дојде во Република Македонија во време кога нејзе ќе и одговара за да ги отвориме сите прашања од заеднички интерес кои се далеку повеќе од прашањата за кои што имаме некои разлики.
XS
SM
MD
LG