Достапни линкови

Ниту Уставот, ниту законите не предвидуваат ваков тип на елиминација на членовите, велат експертите


Политички компромис кој доведува во ситуација на бирање подобни и неподобни, односно целосна дискриминација, вака го коментираат експертите предлогот за избор на идните членови за докомплетирање на Судскиот совет за кој начелно вчера се договорија политичките партии од власта и опозицијата, освен ДУИ, а кој дојде од претседателот Бранко Црвенковски. Со предлогот се предвидува од листата на 35 кандидати, партиите по принципот на пре-елиминирање на оние кандидати за кои што никако не би гласале, да дојдат до потесен состав на кандидати од кои што понатаму ќе се изберат пет зад кои што сите би застанале. Професорот од правниот факултет Тања Каракамишева коментирајќи го ваквиот предлог потенцира:

„Ниту во Уставот, ниту во било кое законско решение не станува збор за елиминација на луѓето кои што се кандидирале за членови на Судскиот совет по овој принцип. Прво тоа е крајно дискредитирачки за самите кандидати кои што се пријавиле на конкурсот, бидејќи во тој случај политичките партии ќе ги поделат луѓето на политички кредибилни и политички некредибилни.“

изјавува Каракамишева. И покрај потенцирањето по вчерашната лидерска средба дека со овој начелно прифатен предлог на претседателот Црвенковски ќе се избегне партиското обојување на идните членови на Судскиот совет, Каракамишева истакнува дека напротив судските реформи се во целосно заложништво на политиката:

„Сега тоа како цена ќе си го платиме сите, а како крајна цена ова ќе го плати Република Македонија во процесот на евроатлантското интегрирање.“

За формулата за начинот на бирање на членовите за докомплетирање на Судскиот совет не се изјасни ДУИ. Потпретседателот на оваа партија Рафиз Алити вели дека деновиве партискиот врв ќе заседава и ќе донесе став по однос на предлогот:

„Г-дин Груевски и Црвенковски имаа средба и порано, така што имаа време таа формула најверојатно и да ја разработат добро така што за нас беше нов момент. Секако дека Централното Претседателство во текот на неделата ќе заземе став во врска со ова.“

Вчерашната лидерска средба дојде по неколку месечни целосно замрзнати разговори меѓу власта и опозицијата на оваа тема. Таа се случи пред есенскиот извешатај од Европската Комисија во кој се очекува како најголем проблем да бидат посочени токму закочените судски реформи. Од извештајот зависи кога Македонија ќе го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со Европската Унија.
XS
SM
MD
LG