Достапни линкови

Процесот на утврдување на статусот на Косово е завршен


,,Сметаме дека процесот на утврдување на статусот е завршен,, вели во интервју за Радио Слободна Европа претседателот на Косово Фатмир Сејдиу. Тој додава дека Приштина подготвува и ќе предложи проект за добрососедски односи во регионот.

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу наведува дека српската страна во преговорите за статусот инсистира на надминати идеи и решенија кои за заеднички именител имаат да го задржат Косово како колонија.

Тоа е спротивно на волјата на овој народ, зборувам за албанското мнозинство, но и за сите други заедници. Србија би сакала Косово без албанци што го има искажано во поранешните, но и во сегашните проекти. Србите би сакале Косово со убави кристали и непресушни природни богатства.

Претседателот Сејдиу оценува дека меѓународната преговарачка тројка остварува мандат што и е доверен, а тоа е да ги доведе двете страни на преговарачка маса. Затоа, како што додава, Приштина предложила некои нови идеи.

Во подготовка сме на проект кој може да биде меѓународна спогодба во која се претставени сите наши идеи кои пак потекнуваат од предлогот на Марти Ахтисари.

Вели Сејдиу, додавајќи дека за разлика од воинствената политика на Белград, Приштина решила да оди со предлог меморандум за соработка, бидејќи институциите на Косово сметаат дека треба да постои таква перспектива за регионот.

За нас е значајно да предложиме проект за иднината кој има за цел добри односи меѓу нашите два народа и кој ќе биде посебен поттик за развојот на добрите односи во регионот.

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу вели дека процесот што го водел Ахтисари не бил лесен, но оти на крајот тој направил избалансиран документ кој содржи многу компромиси што ги направила косовската страна. Затоа, додава тој, Приштина смета дека процесот на утврдување на статусот е завршен.

За нас е многу важно да се разбере дека се исцрпени сите можности и оти ова дополнително ангажирање го сметаме како дел од определбата и овој пат да им помогнеме на сите оние што имаат за цел процесот да заврши со поддршка на волјата на народот на Косово, значи со независност на Косово.

изјави Сејдиу, кој во врска со со локалните и парламентарните избори на Косово што треба да се одржат на седумнаесетти ноември оценува дека станува збор за почитување на демократските принципи.

Второ, рековме дека доколку се оцени оти изборите можат да бидат во спротивност со процесот на статусот, тогаш претставникот на Обединетите нации има право да ги одложи.

Изјави во интервјуто за Радио Слободна Европа претседателот на Косово Фатмир Сејдиу.
XS
SM
MD
LG