Достапни линкови

logo-print

За сега само ДУИ ја прифати средбата


Дел од партиите претпладнево сеуште немаа одлучено дали ќе ја прифатат поканата од премиерот Груевски, утре нивните лидери да учествуваат на средбата за судските реформи. Од СДСМ најавуваат дека одлуката ќе ја соопштат попладне. Со слична најава и Фатмира Исаку, портпарол на ДПА. Исаку вели дека до вчера во нивното седиште не стигнала официјална покана. Единствено ДУИ вели дека тие је продолжат да бидат конструктивни и ќе учествуваат на средбата:

„Секако дека ДУИ ќе присуствува на средбата. Ние мислиме дека тоа е државен интерес и верувам дека и другите релевантни субјекти треба да покажат чувство за државните интереси,“

вели потпретседателот Рафиз Алити.

На лидерската средба е поканет и претседателот Црвенковски, но по вчерашната преписка во медиумите меѓу шефот на државата и премиерот околу местото на кое би ги договарале судските реформи, остана нејасно дали воопшто ќе дојде до средба. Аналитичарите проценуваат дека оваа полемика воопшто не е потребна. Јован Донев, директор на истражувачкиот центар Евро Балкан, вели дека нема потреба Црвенковски и Груевски да се состанат, затоа што претседателот веќе се откажа од своите ингеренции за Судскиот совет.

„Средба меѓу претседателот на Република Македонија и премиерот не треба да се одржи. Претседателот ги кажа своите ставови и својата позиција, дека тој ќе застане зад секое име што ќе го усогласат политичките партии. Ако е така, во тој случај нема што да разговараат премиерот и претседателот. Едноставно, политичките партии треба да седнат, да се договорат и да му достават на претседателот на државата, список со имиња на членови кои сакаат да ги предложат.“

Во владиниот кабинет не сакаат да коментираат зошто е поканет претседателот кога тој веќе се откажа од ингеренциите. Инаку, во понеделникот, половина час пред Црвенковски да ја соопшти својата одлука стигна поканата од премиерот за средба. Донев вели дека преписките подоцна не се губење време, затоа што тоа веќе е изгубено:

„Надминуваењто на суетите во корист на државните интереси кај нас е на ниско ниво. Треба уште да учиме како да балансираме во тие односи. Би било добро да го затвориме тоа прашање неделава, но и да не го затвориме, тоа е тоа, ние од таа реланост не можеме да избегаме,“

објаснува Донев.
XS
SM
MD
LG