Достапни линкови

logo-print

Работнички против премиер лигашот Болтон


Иако најважната споредна работа ни е во сериозна криза, Македонија и Скопје деновиве живеат за фудбалот. Причина, првиот меч од првото коло на Купот на УЕФА во кој нашиот Работнички Кометал е домаќин на англискиот Болтон. Првиот премиерлигаш кој во европските купови ќе гостува во Македонија и тоа со ѕвезди од типот на Ањелка, Кампо, Нолан, Јаскелаинен, Диуф…, магнет и за љубителите на фудбалот вон нашите граници.

Тоа говори дека претстои фудбалски спектакл, кој, иако Болтон е апсолутен фаворит, на нашиот двократен шампион му дава ретка шанса за промоција на врвната европска сцена. За тоа се свесни во прволигашот од Дебар Маало, од каде не се залетуваат со изјави, но и потенцираат дека им одговара улогата на аутсајдер, за во мечот да влезат без притисок, но подготвени за машка борба.

„Не треба да се предадеме пред време. И тие се луѓе и ние. Тие се фаворити. Нашата предност е дека ги знаеме сите, ги гледаме на телевизија, а тие не не знаат и ќе ја бараме нашата шанса,“

Изјави Ертан Демири, еден од најзаслужните за претходните евро - успеси на Работнички Кометал, односно елиминациите на ХИТ Горица и Зрињски.
Инаку, покрај на теренот, во четврток се очекува спектакл и вон зелениот правоаголник, за што е задолжена рекламна агенција која вети голема забава за присутните на трибините. Нешто во што треба да се вклопат и двете илјади навивачи од Островот, најавени како бучни, не и проблематични, а свесни дека евентуалните инциденти, поради лошиот глас кој ги следи англичаните, повеќе ќе му штетат на нивниот клуб. Факт кој ги отстранува лошите мисли кај македонските љубители на фудбалот.

„Малку сме две илјади, четири нека дојдат.“
„Македонија имаше добро искуство со навивачите на Англија.“
„Ние сме повеќе и посилни и да пробаат нешто да направат, лом ќе ги направиме.“
„Нема да има проблеми, не смеат.“


велат анкетираните граѓани, за чиј оптимизам придонесува и најавеното големо обезбедување, слично на она од пред една година кога во Скопје со 3.000 навивачи гостуваше англиската репрезентација. Од тоа искуство за навивачите на Болтон е резервирана северната трибина на стадионот, до која пристап ќе имаат само Англичаните, кои до неа ќе стигнат преку коридор од плоштадот Македонија каде ќе го поминат денот до заминувањето на Градски.
XS
SM
MD
LG