Достапни линкови

Нотарите и судиите поделени околу влијанието врз угледот


Претставниците на нотарската и судската фела со поделени мислења околу тоа како вмешаноста на одредени судии и нотари во корупциските афери во земјава ќе се одрази на нивниот углед. За првиот човек на Републичкиот судски совет, Бекир Исени тоа не ја разнишува довербата на граѓаните во судскиот систем.

„Се бориме криминалот да има име и презиме и да се каже кој. И за злупотреба на службената положба мора да има име и презиме, а не да се каже дека целото судство не чини и дека е корумпирано. Има поединци кои се корумпирани, ги следиме и преземаме и мерки.“

Наспроти него, претседателот на Нотарската комора на Македонија, Златко Николоски вели дека злоупотребата на службената дејност од страна на некои нотари, го уништува имиџот на нотарската професија.

„Се трудиме и максимално се грижиме тоа да биде сведено на нула, односно на најниски можни рамки. Но никој не може тоа да го спречи или да гарантира дека тоа нема никогаш да се случи.“

Иако одговорноста за одредени неправилности во работењето на нотарите е индивидуална, Николоски посочува на законските казни доколку се утврди злоупотреба на нотарската дејност

„Главната контрола ја вршат самите странки. Ако се појави неправилност во работа на нотарот, преку барање за поведување дисциплинска постапка до комората и министерот и со тужба на суд граѓанинот може да си ги заштити своите права.“

Работата на судиите пак, се контролира преку увид во предметите што се работат, со месечни и годишни извештаи, но и по поплаки од граѓаните, објаснува претседателот на Републичкиот судски совет, Бекир Исени.

„Ако се потешки повреди тогаш се разрешува судијата, а за полесни се изрекуваат други мерки, од јавна опомена до парична казна 30% за шест месеци.“

Доколку се докаже дека некој нотар ја злоупотребил службената положба и овластување, законот предвидува одземање на неговата дозвола за работа.
Доколку пак судија ја злоупотреби својата положба, судскиот совет му го одзема имунитетот, и правото за надомест на личен доход.
XS
SM
MD
LG