Достапни линкови

logo-print

Сулејман Рушити, министер за образование. Во смените на директорите на училиштата има политички реваншизам, но не од министерството


Господине министре, имаме ситуација што се повторува секоја година – еден дел од наставниците кои имаа склучено договор на определено време да ги изгубат своите работни места, додека други да имаат подобри позиции затоа што се блиски со оној кој е дирктор. Како се доведовме во ситуација, во која власта, или централната или локалната го одзема она што го донела претходната?

Сметам дека ова не е проблем на централната власт и не произлегува од неа. Надлежностите се на градоначалниците и за жал дел од градоначалниците децентрализацијата ја сфаќаат како централизација. Ние имаме многу случаи, државната просветна инспекција врши увиди и согласно со овластувањата што ги имам како министер и согласно законот ќе постапам понатаму.

Најавивте одземање на надлежностите на градоначалниците, еве велите инспекција. Има ли конкретни показатели од овој надзор?

Не би сакал да прејудицирам. Штом ќе ги имам резултатите од инспекцијата, ако некаде има случаи за одземање на ингеренциите на градоначалникот, според законот, така и ќе постапиме. Ако некаде се појавува непочитување на законот од страна на директорите, и тоа е дефинирано во законот, значи постојат казнени мерки за секое непочитување на законот.

Најавувате одземање на надлежностите на дел од градоначалниците, но како министер дали може да направите чекор повеќе? На пример, оние наставници кои имаат договор на определено време, да добијат договор за вработување на определено време со оглед на нивното искуство и стаж во образованието?

Веќе е формирана работна група за таа категорија наставници. Заедно со министерството за финансии се дефинираат кои се тие наставници кои ги исполнуваат условите за да доделат решенија за неопределено време. Сметам дека ќе имаме појасна слика и ќе постапиме понатаму.

Има ли простор за политички реваншизам на дел од партиите што се манифестира преку образованието?

Би рекол дека има, но до тоа не доаѓа од страна на министерството и министерот. За жал, некои градоначалници тие што се побучни по медиумите даваат налози писмени кои треба да се отпушти и кој треба да се вработи во образованието. А, тоа не може да се толерира, тоа е недозволиво и незаконски. Имам случаи и слушам, дека особено во Гостивар, бодејќи Бејта е најбучниот во обвинувањата бидејќи ги меша работите, меша што е да бидеш градоначалник, а што да се води дневна политика, слушам и имам писмено од неколку наставници или наставници кои конкурираат да ги прашуваат каква боја имаш. Мислам дека тоа е банално, ние ќе треба да се справиме и со некои баналности за жал. Ги повикувам градоначалниците, особено во образованието да се тргнат од дневната политика, да се деполитизира целосно образованието. Единствениот критериум треба да биде квалитетното образование и квалитетни наставници.

Го споменавте градоначалникот на Гостивар кој е од ДУИ. Дали може да се каже дека има реваншизам од ДУИ, што таа партија се обидува да го манифестира преку образованието?

Да, има конкретни случаи. Отпуштања од работа на секој за којшто тие мислат дека не припаѓа во нивната политичка идеологија.

Во делот на реформите се добива впечаток дека престои работа. Стартуваше деветолетката. Има проблеми со просторот, а учебниците се најавени за второто полугодие. Од наредната година треба да стартува и задолжителното средно образование. Како ќе се реши просторниот проблем?

Јас мислам дека ако некаде се појавило недостиг од простор или инфраструктура, тоа не е затоа што ние воведовме деветолетка. Би рекол, дека е занемарлив недостатокот на простор како проблем и ние ги решаваме. Имаме случај во општината Шуто Оризари, поради големата миграција во таа општина. Веќе почнавме да размислуваме да го решиме проблемот и во општините Бутел и Чаир, каде што уписот на учениците не бил во соодветната општина. Сметам дека деновиве ќе се реши проблемот. Инаку, генерално нема проблеми, затоа што ние детектиравме каде има недостаток од простор и заедно со министерството за труд и социјала направивме заедничка акција и го употребуваме просторот на градинките. Значи, деветолетката, иако е огромна реформа која бара доста работа, сметам дека почна без проблеми.
XS
SM
MD
LG