Достапни линкови

Роковите и порано за некои постапки биле исти, а не се променети ниту сега, велат бизнисмените


Неколку месеци откако стартуваше проектот регулаторна гилотина со кој се предвидува поедноставување на бирократските процедури, мислењата на стопанствениците за ефектите од оваа мерка се поделени. Иако има уште работа околу спроведувањето на овие активности, првиот човек на Сојузот на стопански комори, Никола Ефтимов вели дека искуството спроведените мерки досега е позитивно:

„Има доста и покомпексни работи кои што бараат и време за да бидат имплементирани, меѓутоа имаме и најави дека се постапува по однос на повеќе процедури за кои што се укажуваше.“

Вели Никола Ефтимов, претседател на Сојузот на стопански комори. Кога пред неколку години Раде Илиоски регистрирал приватна фирма му биле потребни два месеца. Денес, вели тој истата постапка трае неколку дена.

„Нешто е убрзано, за да регистирираш фирма порано требаше што се вика ,,триста чуда,, за да регистираш фирма, а сега слушнав дека тоа одело побрзо. Значи во тој дел има еден вид напредок.“

Пакетот мерки со кои се предлага кратење на бирократските процедури, на надоместоците и на роковите, како и на документацијата и прописите за некои не донеле промена. Според Андреа Тасевски и порано се почитувале пропишаните рокови.

„И порано требало 30-тина дена да речеме во Министерство за земјоделие за дозволи регуларни што ги добиваме, и порано рокот го запазувале и сега го запазуваат, така што тоа е тоа.“

Во помалите градови во државата работите функционираат полесно и поедноставно, вели Киро Дургутовски, сопственик на приватно претпријатие во Ресен. Сепак тој очекува дека резултатите од регулаторната гилотина ќе бидат поволни:

„И кај нас ние тие потешкотии не сме ги почувствувале, во малите места. Се познаваме со луѓето, така што од срам нема да те вратат и да не сака да ти заврши работа ќе заврши, во поголемите места сигурно се чека како што си е.“

Пред два месеца владата ги одобри првите препораки од проектот регулаторна гилотиња и усвои пакет од околу 50 мерки, во насока на олеснување на животот на граѓаните, на работењето на бизнисмените и подобрување на бизнис климата. До крајот на годината се предвидува да биде формирана и електронска евиденција на прописи. Според најавите од владата предвиденото намалувањето на надоместоците ќе се движи од 50 проценти до целосно ослободување од нив.
XS
SM
MD
LG