Достапни линкови

Граѓаните неможат да си го остварат уставното право поради неформираниот Управен суд


Без докомплетиран Судски совет, без закон за Јавно Обвинителство и без формиран Управен суд, државата е во комплетен правосуден хаос. Ова е коментарот на експертите кои што посочуваат дека поради тоа што политичките партии неможат да се договарат граѓаните се тие кои што трпат најголема штета, а во меѓувреме институциите на системот без формиран Управен суд кој е надлежен за решавање на спорови на незадоволни граѓани против решенија издадени од државата, нема кој да ги контролира. Пет месеци државата е без формиран Управен суд, бидејќи нема кој да ги избере судиите кои што ќе работат во него поради сеуште некомплетираниот Судски совет. За штетите по државата од овој правен вакуум простор, професорот по Уставно право Саво Климовски вели:

„Во ваква ситуација државата е крајно коматна, дури мислам дека е крајно незаинтресирана ова да реши и би рекол дека се сака во една ваква ситуација да си ја задржи својата комоција.“

Вели професор Климовски кој додава дека пред да престане надлежноста на Врховниот суд мораше да биде формиран Управниот суд:

„Ова говори или за едно самоволие на државата кон граѓаните, или пак се мисли дека немаме држава. Држава требаше прво ова да го направи, а се разбира дека потоа требаше да се реши проблемот и со обвинителеството и другите органи.“

Врховниот суд согласно законот престана да одлучува по управните предмети на 27 мај до кога требаше да се формира управниот суд. Претседателот на судот Дане Илиев ја актуелизира идејата овие предмети повторно да се вратат во ингеренции на Врховниот суд, но тоа вели не зависи од нас, туку од Министереството за правда. Засега нема никакви контакти меѓу надлежните органи за да се надмине овој проблем:

„Немам контакти во смисла дека ние не сме основани за тоа, всушност проблемот е во т.н. политичка одлука или консензус на оние кои што треба да одлучат или за промена на законот или за изборот на судиите на Управниот суд.“

Посочува Илиев. Во Министерството за правда не успеавме да добиеме одговор, што планира власта за надминување на проблемите во судството, кое што е во целосен застој поради неможноста на партиите да го комплетираат Судскиот совет, од кој пак понатаму зависи понатамошното реализирање на реформите. Освен надлежноста за Управниот суд, поради недокомплетираниот Судски Совет не е направен избор на 40-тина судии, како и на претседатели на седум судови во државава меѓу кои и на Апелациониот суд во Скопје.
XS
SM
MD
LG