Достапни линкови

Властите во Белград ги разгледуваат опциите за реакција ако Косово стане независно


Паралелно со преговорите за идниот статус на Косово, властите во Белград почнале да ги разгледуваат и опциите за кои јавно не сакаат ни да слушнат: Како да реагираат доколку Косово стане независно? Стручњаците проценуваат дека во таков случај на Белград не му останува многу голем маневарски простор.

Највисоките српски претставници за прв пат конкретно обелоденија дека се размислува и за чекорите што државата би можело да ги преземе во случај решението на статусот на Косово да не биде поволно за Србија. Премиерот Воислав Коштуница вели дека трајно е отстранета опасноста Советот за безбедност на Обединетите нации да донесе одлука за независност на Косово. Сепак тој додава:

„Не е отстранета опасноста која, за жал се повеќе станува реална: албанските сепаратисти до крајот на годинава еднострано да прогласат независност.“

Според него, факт е дека некои европски земји и Соединетите Држави инсистираат на планот на Ахтисари и оти нивниот став ќе биде независно Косово на еден или на друг начин. Затоа, како што додава Коштуница, владата на Србија разгледува разни модели на реакција.

„Се подразбира дека владата на Србија веднаш ќе поништи секаков акт на еднострана независност на албанските сепаратисти. Доколку некоја држава ја признае таквата независност, владата ќе најде начин најдобро да одговори на посегањето по суверенитетот и интегритетот на земјата.“

Иако Коштуница не ги прецизира моделите на реакција, Душан Лазиќ од Форумот за меѓународни односи, оценува дека е добро и тоа што власта јавно проговорила и за тоа оти постои можност решението да не биде по волја на Белград.

„Доколку најголемите земји во светот, повеќето земји на Европската Унија и НАТО, ја признаат независноста на Косово тогаш прекинувањето на дипломатските односи со нив ќе ја доведе Србија во меѓународна изолација. Тоа ќе и донесе голема штета на земјата.“

И поранешниот југословенски дипломат Драган Вуксиќ се согласува со ваквиот став, додавајќи дека заканите не можат да бидат ефикасни.

„Можеби и оние што сега се најжестоки на јазик, а тоа се Коштуница и луѓето околу него, гледаат дека не можеме ништо да сториме. Сепак, тие инисистираат на таков вербализам, бидејќи тој за нив е доволен начин за одбрана на Косово.“

Вели Вуксиќ, наведувајќи дека властите во Белград треба сите сили да ги насочат не кон можните реакции, туку кон новите преговори, со цел да се изнајде заедничко решение со Приштина.
XS
SM
MD
LG