Достапни линкови

Западот сепак верува дека Кремљ на крајот ќе попушти


Дека Русија го мисли она што го зборува во врска со Косово стана јасно уште на минатогодишната безбедносна конференција во Минхен кога претседателот Владимир Путин ги обвини Соединетите Држави за униполарна надворешна политика. Сепак, на Запад се уште постои надеж дека Кремљ на крајот ќе попушти.

Вчерашната изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека Москва нема да тргува со прашањата кои се наоѓаат во таканаречената црвена линија и влегуваат во зоната на националната безбедност и светски поредок како да ја гаси таквата надеж. Црвената линија, како што наведува Лавров, се однесува на разместувањето на американската противвоздушна одбрана во Европа, ширењето на НАТО, конвенцијалните оружени сили и косовскиот проблем. На прашањето од каде Западниот Балкан, односно жешкиот косовски проблем се најде во руската црвена линија Марк Томсон, директор на програмата за Балкан во Меѓународната кризна група вели:

„Затоа што тоа политички им одговара, а не затоа што станува збор за објективна проценка дека Косово е во зоната на руските национални интереси.“

И Предраг Јурековиќ, експерт од Виенскиот институт за мир смета дека Косово не е руски интерес, но оти и служи на Русија да зајакне во врска со другите нејзини интереси:

„Мислам дека Западен Балкан не и приоритет на Русија. Тоа мора да се гледа во поширок контекст. Балканот и специјално Косово може да ја зацврсне позицијата на Русија во други подрачја.“

Русија би се нашла во невозможна ситуација кога би морала да објаснува кои се нејзините витални национални интереси на Балканот, вели британскиот аналитичар Чарлс Хејман, додавајќи:

„Го разбирам нивното чувство дека западните сили имаат многу поголема моќ на Балканот и оти сакаат да воспостават рамнотежа на силите, но не и дека регионот е во црвената линија.“

Вели Хејман. Марк Томсон пак, оценува дека однесувањето на Русија во врска со косовската криза не се доживува како принципиелна руска политика:

„Зошто Москва не би продолжила да се однесува онака како што се однесува со цел на крајот да извлече најголем профит и најголема дивиденда од косовското прашање. Она што сакам да го кажам е дека тука воопшто не станува збор за принципиелност на нејзината политика.“

Таквиот однос, според Томсон ќе продолжи се додека Вашингтон и Брисел сериозно не и дадат до знаење на Москва дека мора да се пронајде реалистичко решение за Косово. Тоа го мисли и Хејман кој во врска со последната порака на министерот Лавров вели:

„Јас тука ја гледам Русија која вели: Ќе морате стопроцентно да не вклучите во се што правите и зборувате за Косово.“

Наведува Хејман, додавајќи дека Русија почувствува дека е време да се врати на меѓународната сцена како глобална сила, место што го немаше во последната деценија и пол.
XS
SM
MD
LG