Достапни линкови

Негативно влијание за рејтинг на Македонија во меѓународниот бизнис, сметаат економистите


Од владата потврдија дека Европската банка за обнова и развој уште во јули испратила писмо во кое се жали на неправилности во постапката околу продажбата на ТЕЦ Неготино. По информацијата од грчки новинар дека поради нетранспарентната тендерска постапка, банката нема да учествува во финансирањето на проектот ТЕЦ Неготино, од владата велат.

„ЕБОР е дел од проектот којшто стоеше зад Сенкап. И тие како и владата на Република Македонија имаат ист интерес, целата оваа постапка да се затвори на натранспарентен начин. Комуникацијата со ЕБОР и другите финансиски куќи е редовна за проектите кои се од интерес на ЕБОР и владата на Република Македонија,“

изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски
Од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје не ги коментираат нивните забелешки околу целата постапка. Но дали ваквата реакција од ЕБОР во иднина може да ги предомисли потенцијалните странски инвеститори во земјава? Економските експерти посочуваат дека овие случувања не се добри за рејтингот на земјата во меѓународниот бизнис, но оти конечната одлука дали ќе инвестира во земјава или не, ја донесува самиот инвеститор.

„Што се однесува до тендерите, имало и ќе има нетранспарентност во постапките, зависи од комисијата. Дали ќе влијае врз другите инвеститори е прашање, затоа што секој инвеститор ќе си направи есап дали му се исплаќа да инвестира или не. Така што, не мислам дека би имало некое влијание врз другите инвеститори,“

вели професорот Јордан Шиковски од Американскиот колеџ во Скопје.

Откако на тендерот за продажба на термоцентралата победи конзорциумот Хач, Грчко-американската компанија Сенкап, реагираше на бодувањето и бараа увид во понудата на победничката компанија. Грците поднесоа жалба до комисијата за јавни набавки со аргумент дека нивната финансиска понуда е за 6,2 милиони евра повисока од понудата на ХАЧ и оти ветиле 100 мегавати поголема моќност од капацитетот што ќе го градат Канаѓаните. Комисијата за јавни набавки ја отфрли жалбата на Сенкап со објаснување дека не се работи за јавна набавка туку за продажба. Од владата велат дека нивната одлука е конечна и извршна. Во последното соопштение до медиумите пак, Сенкап најавува дека има план да биде долгоречен инвеститор во Македонија, и оти планира да учествува на јавен тендер за хидроцентралата Бошков мост.
XS
SM
MD
LG