Достапни линкови

Не верувам дека на Балканот ќе има ескалација на судирите


Не верувам дека на Балканот повторно ќе дојде до ескалација на судирите, барем не на оружените. Ова за Радио Слободна Европа го вели Рудигер Росиг уредник на весникот Џерман Тајмс и поранешен функционер на Обединетите нации во Босна и Херцеговина. Според него, Германија има интерес, но не и визија за решавање на косовското прашање.

Во врска со тоа дали на новите преговори постои шанса за договор меѓу Белград и Приштина, односно дали е можно да се изнајде компромис меѓу двете спротивставени страни Рудигер Росиг вели:

„Мислам дека не постои можност за компромис. На крајот се ќе заврши со она што веќе долго време го гледаме во Босна и Херцеговина, долгорочен протекторат.“

Во таква ситуација, како што додава Росиг, образуваните луѓе кои не ќе можат да го прифатат ваквиот меѓупростор ќе си одат од Косово, што е многу лошо за секое општество. Тој е сомничав и во однос на наводите дека Германија би требало да ја земе водечката европска улога во решавањето на косовскиот проблем.

„Берлин има интерес и сила, но прашање е дали има визија, претства како тоа воопшто може да се направи. Господин Ишингер е човек кој има искуства на Балканот, но за жал тој им припаѓа на оние луѓе кои со Дејтонските спогодби создадоа чудовиште од Босна и Херцеговина, каде што етничкиот принцип е зацементиран.“

Вели Росиг, кој оценува дека ни Соединетите Држави, ни Русија немаат вистински интереси на Балканот кои веќе не ги оствариле или кои не можат да ги решат мирољубиво. Сите на Балканот, вклучувајќи ги Косово и Босна, според него, треба да бидат примени во Европската Унија, бидејќи тоа е единственото место во кое етничкиот принцип кој на Балканот владее веќе седумнаесет години може да биде совладан.

„Секоја размена на територии би била катастрофална. Затоа не ми е јасно зошто некои како премиерот на Република Српска Милорад Додик го повторува тоа. Всушност тоа е стар балкански проблем. Таму не се води политика, туку стратегија.“

Смета Рудигер Росиг која како познавач на балканските состојби во врска со тоа дали е можна нова ескалација на судирите во регионот оценува.

„Не. Мислам дека се додека западните воени сили се сместени на Балканот, со рубусниот мандат што го имаат, сигурно нема да дојде до оружени судири. Но, и сегашна статус кво ситуација е лоша сама по себе. Не се почитуваат малцинските права, насекаде владее криминал. Не мора лошо да биде само кога пукаат топови. Често пати за тоа се доволни и пиштоли.“
XS
SM
MD
LG