Достапни линкови

Парламентарците неможат да се дистанцираат од политичките партии и да бидат независни во одлуките


Сите интерпелации за носители на јавни функции што досега се поднесени во македонското собрание биле неуспешни. Освен поширока дискусија и критики интерпелациите вообичаено завршуваат без успех имајќи го во предвид распоредот на силите на мнозинството во парламентот. Се додека парламентарците не покажат поголема дистанца од политичката партија и додека нема поширока соработка и догоговор внатре на ниво на парламентарните групи без разлика од која партија се, како и поголем морал, инцијативите за барање одговорност од некој носител на јавна функција ќе биде осуден на неуспех, објаснуваат експертите:

„Кај нас тоа е екстремно заради тоа што моралот и етиката е на многу ниско ниво и секоја владеачка гарнитура и да има во својата композиција министри и други луѓе кои што прават грешни дејанија или имаат противзаконски дејствија, тие не ги заменуваат затоа што пратениците не гласаат против нив и всушност тоа говори многу и за слабото функционирање на институциите во Република Македонија.“

Вели политикологот доцент на Правниот факултет Жидас Даскаловски. Што се однесува до работата на актуелната влада, досега опозицијата поднесе повеќе иницијативи за барање одговорност од неа, како онаа во текот на летово кога се гласаше за доверба на владата, потоа интерпелацијата за министерот за образование Сулејман Рушити, а актуелна е и денешната седница за интерпелација на претседателот на Собраниетото Љубиша Георгиевски. Во опозиционата Либерално демократска партија која е подносител на иницијативата за смена на собранискиот претседател Георгиевски велат дека ако ништо друго ќе се има можност преку расправата да се продискутира за досега стореното:

„Интерпелацијата служи да се забележат сите оние работи за кој што не се согласуваат пратениците со начинот на кој што работи во овој случај претседателот на Собранието.“

Вели Андреј Жерновски од ЛДП.
Од власта пак со порака:

„Секој изгубен ден е изгубен ден за Република Македонија уште повеќе што сме особено сигурни дека поради бројноста на парламентарното мнозинство интерпелацијата нема да биде успешна.“

Истакнува пратеникот Александар Спасеновски од ВМРО ДПМНЕ. Единствена успешна интерпелација во македонското собрание, но која се однесува на влада, а не на министер поединечно, беше онаа кога и беше изгласана недоверба на експертската влада во 90-тите години.
XS
SM
MD
LG