Достапни линкови

logo-print

Албанците би ја жртвувале поддршката на НАТО ако тргнат кон Македонија


,,Албанците би ја жртвувале сегашната поддршка на НАТО ако тргнат кон Македонија,,. Ова за Радио Слободна Европа го вели Питер Зајен од американската агенција за стартегиски анализи Стратфор. Според него, поради американската ангажираност во Ирак, сега клучната улога во дефинирањето на статусот на Косово ја има Германија која повторно го презеде европското раководство. Сепак, како што додава, канцеларот Ангела Меркел околу ова прашање нема да се реши на судир со Русија која посакува криза на Косово.

Питер Зајен од американската агенција Стратфор во врска со оценките на Србија дека независноста на Косово е кршење на меѓународното право и оти тоа ќе има ефекти пред се во Македонија и Босна вели:

„Тоа би било за прв пат сецесионизмот поттикнат од југословенските војни да не го погодува Белград. Поради тоа што одат по сопствен пат, албанците многу јасно би ја жртвувале поддршката на НАТО што ја имаат сега ако тргнат кон Македонија. Мислам дека тоа е предалеку за нив. “

Наведува Зајен, додавајќи дека во овој момент процесот за решавање на косовскиот статус е во блокада и оти таа ќе потрае најмалку до декември годинава, а можеби и потоа. Имено, како што додава, Русија е решена да стави вето нa секој предлог во Советот за безбедност што не и во прилог на Србија.

„Русите гледаат на Косово, Србија и на Балканот како на дел од својата поширока стратегија на меѓународен план. Руските власти ќе се обидат, ако е тоа возможно, да предизвикаат криза на Косово со која НАТО ќе се занимава не само во наредните неколку месеци, туку и години.“

Оценува Зајен кој во врска со тоа дали, во случај на руско вето, Соединетите Држави и европските земји ќе ја признаат еднострано прогласената независност на Косово вели:

„Соединетите Држави се вкопани во Ирак, така што сега има се повеќе пукнатини во интерниот механизам на донесување одлуки во Вашингтон. Америка веќе не е во состојба да ја има водечката улога во решавањето на косовското прашање. Сега вниманието треба да се насочи кон Германија која повторно ја презеде водечката улога во Европа.“

Според Питер Зајен од Стратфор, косоварите грешат доколку сметаат на американска интервенција, па дури и на поголема дипломатска поддршка, бидејќи процесот на деблокирање на механизмот на донесување одлуки во Вашингтон ќе потрае неколку месеци. ,,Можеби се додека претседателот Буш е на власт,, вели тој, додавајќи:

„Единствен начин да се избегне таквото сценарио е косоварите и србите да се договорат за поделба на Косово. Тогаш Косово делумно ќе биде независно, Србија незначително ќе се прошири и целиот процес можеби ќе продолжи мирно.“

Како и да е Косово, според Зајен, во ниту една варијанта нема да биде функционална држава и затоа очекува тоа со децении да биде под туторство на Европа.
XS
SM
MD
LG