Достапни линкови

logo-print

Опозицијата критикува дека изостануваат резултатите од најавуваните странски инвестиции


Во последните шест месеци, повеќе од 140 000 луѓе ја посетиле веб страницата на Агенцијата за странски инвестиции, а биле организирани 100-тина посети на потенцијални инвеститори на македонски компании, вели првиот човек на агенцијата Виктор Мизо. Најголем интерес за инвестирање тука има од Италија, Германија, Австрија, Турција и Соединетите Држави, а областите во кои инвеститорите сакаат да почнат бизнис се информатичката технологија, автомобилската индустрија, производство на машински делови и агробизнисот, посочува Мизо. Сепак тој не ги открива имињата на потенцијалните странски брендови во земјата:

„Не е меродавно да се кажува затоа што ниту една компанија не сака нивните бизнис интереси, работења да се кажат пред тие да донесат некаква одлука. Со некои од тие компании сме веќе во длабоки преговори за нивното доаѓање овде.“

Спектакуларно најавуваните инвестиции на владата се сведоа на срамни 25 милиони евра во првото тримесечие годинава, реагира опозициската СДСМ:

„Во секоја нормална и сериозна држава условите за странските инвестиции треба да биде детерминирана од политичката стабилност, владеење на правото и стимулациите за странските инвеститори. Немаме никакви стимулации ниту за домашните, а не пак за странски инвестиции дополнително се прави хајка против нив. Последната проценка покажува дека бизнисмените, односно оние што треба да инвестираат треба да плаќаат многу повеќе данок.“

Изјави Емилијан Станковиќ од СДСМ.
И Роза Топузова Кареска од Либерално демократската партија вели дека резултатите од најавуваните странски брендови во земјава изостануваат, што пак ја доведува во прашање и работата на министрите задолжени за привлекување на странски инвестиции:

„Треба да се направат реформи во судскиот систем со што ќе се овозможи целосно функционирање на правната држава, ќе имаме и ефикасна борба со корупцијата и уште еден момент е многу важен, а тоа е безбедносната ситуација во Македонија.“

Есенва агенцијата ја почнува третата фаза од кампањата Инвестирајте во Македонија. Оттаму не откриваат колку пари биле потрошени за активностите во кампањата, меѓу кои и патувањата на министрите Веле Самак и Глигор Ташковиќ низ светот и огласите во странските весници. И од владата не кажуваат колку пари потрошиле. Оттаму го потврдуваат ставот на премиерот Никола Груевски дека она што е потрошено е само еден процент од првата поголема странска инвестиција во земјава.
XS
SM
MD
LG