Достапни линкови

Во Собранието проблеми со консензусот за овие закони, а не е формиран ниту Судскиот совет


Владата го исполни ветувањето кое го даде премиерот Никола Груевски во Брисел и до крајот на минатиот месец ги донесе сите закони кои се предвидени со европската агенда за оваа година, вели владиниот портпарол Ивица Боцевски.

„Владината процедура е помината во јули, за законите за кои што имавме обврска дека ќе бидат поминати.“

вели Боцевски кој додава дека сега комплетирањето на на агендата на европските закони е во рацете на пратениците.

„Владата на Македонија се надева дека најавениот консензус во собранието за усвојувањето на овие закони е на сила и се надеваме дека во најкус можен рок ќе може да се комплетира усвојувањето на овие закони.“

Парламентарните партии пак во петокот ја пропуштија можноста да се договорат за листата на приоритетни закони битни за нашето евроатлантско интегрирање. Опозиционерите обвинија дека владеачките партии не го почитуваат договореното, а владеачките пак ги посочија опозиционерите како причина за блокада на собранието. Денеска собранискиот портпарол Тодор Пендаров кратко изјави дека во врска со консензусот нема ништо ново. Дипломатски извори велат дека за конечната одлука за влез во НАТО Алијансата во април идната година е рано да се зборува, но постојат реални шанси да добиеме покана. Сепак тие потенцираат дека една од битните работи која ќе биде оценувана од НАТО тимот кој што ќе ја посети земјава во ноември е работата на парламентот. Не треба тој постојано да биде блокиран велат дипломатските извори кои посочуваат дека поканата ќе зависи од спроведувањето на реформите во правосудството, а особено ќе се цени доколку Судскиот совет биде формиран во наредните два месеци. Доколку не се комплетира Судскиот совет неможеме да ги спроведеме реформите во правосудството, а без нивното спроведување неможеме во Европа, предупредува претседателот на Судскиот совет Бекир Исени во неделното интервју на Радио Слободна Европа:

„Апелирам брзо да извршат избор на петте члена. Затоа што така се врши контрола на судската работа, извршна и законодавна власт и обратно и без нив имаме штета во изборот и разрешувањето на судиите.“
XS
SM
MD
LG