Достапни линкови

logo-print

Белград смета дека Кризната група лобира за Косово, Приштина дека оценката е реална


Европската Унија и нејзините членки мораат да ја прифатат најголемата одговорност и да го доведат Косово до надгледувана независност за да се избегне хаосот кој не само што ќе го зафати Балканот, туку и цела Европа. Ваквата оценка на Меѓународната кризна група предизвика разни реакции. И додека Приштина смета дека таа е реална, во Белград наведуваат дека главна цел на Кризната група е да лобира за Косово.

Во извештајот на Меѓународната кризна група се наведува дека албанските лидери, под притисок на своето население би можело еднострано да прогласат независност. Ако притоа ја немаат поддршката на меѓународната заедница Косово ќе се распадне, Србија ќе бара дел од земјата северно од Ибар, србите во другите делови ќе избегаат со што ќе бидат изгубени осум години на градење на косовските институции.

„Ситуацијата на теренот е многу тешка. Албанското раководство предупредува дека го губи легитимитетот кај народот, бидејќи одлуката за финалниот статус на Косово се одлага повеќе пати. Тоа може да предизвика тензии. “

Вели Кристин Холтге, заменик директор на Мешународната кризна група, наведувајќи дека последица од тоа ќе биде дестабилизација на соседните земји и оти наскоро Европската Унија ќе се соочи со бран бегалци.

„Најлоша варијанта е одлагање на решението во недоглед со што ситуацијата само ќе се влошува. Многу подобро е да се преземе одговорноста и да се донесе одлука во согласност со планот на Ахтисари.“

Наведува Александар Андерсон, директор на канцеларијата на Меѓународната кризна група во Приштина. Извештајот наиде на позитивни оценки од косовската влада со забелешка дека тој треба да се сфати како рано предупредупредување на можните последици. Во првите коментари на Белград пак, се наведува дека Кризната група е едно од најистакнатите проалбански лоби тела во светот.

„Она што тие ќе го кажат и препорачаат е уште една форма на насилство која гласи дека во случај да не добијат уште една држава на Балканот, албанците ќе вршат насилство. Значи постои уште една препорака за вршење насилство заради остварување полтички цели.“

Вели Членот на српскиот преговарачки тим Марко Јакшиќ. За Јелица Минчиќ од Европското движење во Србија пак, новиот извештај на Меѓународна кризна група е со цел да предупреди на можните драматични последици доколку Европската Унија не преземе ништо во врска со идниот статус на Косово.

„Меѓународната кризна група предупредува дека ако работите излезат од некои канализирани текови би можело да дојде до сериозна дестабилизација на соседните земји и на целиот Западен Балкан. Тоа никако не и одговора на Европската унија.“

Оценува Минчиќ, додавајќи дека со тоа би се повторила ситуацијата кога, за време на избувнувањето на судирите во поранешна Југославија, Европската Унија не сакаше да изгради кредибилна заедничка надворешна и безбедносна политика, што, како што вели, е многу опасно и за самата Унија.
XS
SM
MD
LG