Достапни линкови

Со намалување на даночната евазија до позитивни резултати, сметаат експертите


Намалувањето на даноците обично се практикува во земји кои се трудат да го динамизираат развојот во реалниот сектор преку што би се подигнало производството што би донело до прогрес на земјата, коментираат експертите за политиките на актуелната влада за намалување на даноците. Освен намалувањето на рамните даноци, поради што беше пресметан буџетски дефицит од еден процент, една од реализираните мерки на владата е и намалениот ДДВ за земјоделските материјали, како најновото намлување на ДДВ-то за лековите, кое конкретно ќе ги намали приходите во буџетот за 11 милиони евра. Економскиот екперт Шабан Првала објаснува кои се мерките што треба да се преземат за да се надомести дефицитот во буџетот:

„Треба да се надомести или преку прилив од другите производи. Или поголема ефикасност во остварувањето на фискалната политика, тоа значи преку намалување на евазијата, по основ на царини, акцизи итн.“

Државата е лош стопанственик со парите, па колку повеќе пари остануваат кај граѓаните и во бизнис секторот, толку подобро за националната економија е мислењето на професорот од Европскиот универзитет Зоран Ивановски:

„Така што, секое намалување на буџетската потрошувачка е позитивна. Остануваат повеќе пари во бизнис секторот и кај граѓаните а тоа дополнително може да ја стимулира потрошувачката која е основен генератор за раст.“

Во министерството за финансии уверуваат дека нема опасност по буџетот, бидејќи намалените даноци веќе придонеле за поредовно плаќање на давачките кон државата и прибирање на поголеми средства. Мартин Мартиновски портпарол во Министерството за финансии објаснува:

„Со воведувањето на концептот на рамен данок се остваруваат одлични резултати во прибирањето на даноците, а тоа е случај и со другите даноци, како ДДВ и царините.“

Заклучно со јуни годинава како резултат на намалувањето на даноците, како што информираат од Министерството за финансии, биле собрани 63 милиони евра повеќе во однос на планираното.
XS
SM
MD
LG