Достапни линкови

Косово станува марионетска НАТО држава, српските сили да се вратат на Косово


Заострување на реториката спрема Западот и НАТО – е главниот рефрен на српската политичка сцена деновиве. Функционерите од Демократската Партија на Србија, на премиерот Воислав Коштуница и блиски до неа, повторуваат дека на Косово се создава марионетска НАТО држава и бараат српските безбедносни сили да се вратат во покраината.

Александар Симиќ, советник на српскиот премиер Коштуница, изјави дека дошло време Србија да ги врати своите безбедносни сили на Косово, а слична изјава даде и државниот секретар за покраината Душан Пророковиќ.

„Доколку КФОР не е во состојба да го исполни својот мандат и својата мисија да го заштити неалбанското население и да спречи натамошни етнички чистења, тогаш тоа можат да го сторат нашите безбедносни сили.“

Иако е јасно дека зад ваквите најави, наменети пред се за домашната јавност, нема и вистинска намера, портпаролот на НАТО Кармен Ромеро, за Радио Слободна Европа, изјави:

„Многу кратко ќе прокоментирам, - на српските сили нема да им биде дозволено да се вратат на Косово. Командантот на КФОР е задолжен за безбедноста и тој нема да даде одобрение српската војска или полиција да се вратат на Косово.“

Според аналитичарите, заострената реторика на официјален Белград кон НАТО и Западот е во функција на завземање цврста позиција за новата рунда преговори за статусот на Косово, но претставува и внатрешно политички маневар на демократите ан Коштуница против коалициониот партнер – демократите на претседателот Тадиќ. Нада Кулунџија, шеф на пратеничката група на Демократската Партија на Тадиќ, изјави:
„Наместо реторика, од која во минатото едвај преживеавме и која не одведе во длабока изолација, ние навистина веруваме дека во оваа рунда преговори нашиот настап треба да биде насочен кон придобивање на што поголем број влијателни земји за подршка на нашите ставови.“

Западните земји засега не им придаваат поголемо значење на заострените тонови на некои кругови од Белград против НАТО.
XS
SM
MD
LG