Достапни линкови

Симтоматично што бегството доаѓа во момент на решавање на статусот, сметаат дел од експертите


Во македонското Министерството за внатрешни работи не ги коментираат случувањата во други држави односно надвор од границите на Македонија, ова е кусиот коментар на МВР по бегството на седуммина затвореници од косовскиот затвор Дубрава меѓу кои и лица со богато криминално досие во државава. Станува збор за Рамадан Шити еден од организаторите на нападот на полициската станица Бит Пазар пред две години и обвинет за убиство на такси возач, како и Лирим Јакупи еден од лидерите на вооружената група во скопското село Кондово кој се бара и поради ранување на тројца полицајци. Од МВР велат дека за овие две лица останува меѓународната потерница која ја имаат распишано. И останатите избегани затвореници биле поврзани со вооружени акции во Македонија, како и во Јужна Србија. Професорот на Институтот за одбрамбени и мировни студии при Филозовскиот факултет во Скопје Трајан Гоцевски смета дека е симптоматично масовното бегство на затвореници од косовскиот затвор во момент на решавање на статусот на Косово и стравувањата за можна радикализација на безбедносната состојба:

„Од еден аспект што лицата кои што излегоа од затворите во основа се поврзуваат со тоа што подолго време престојувале на територијата надвор од Косово, односно Јужна Србија и Македонија. Оттука една подлабока анализа упатува на тоа дека влечењето на потези кои што го одолговлекуваат решението за Косово на некој начин ги поттикнуваат радикалните елементи кои што ги има во регионот и тие можеби сакаат да бидат во припомош на одредени структури кои што гледаат можеби на некои други начини за излез од оваа ,,ќоркоскак„ ситуација.“

вели професор Гоцевски. Аналитичарот од Институтот за политички и интеркултурни студии и поранешен заменик министер за одбрана Ризван Сулејмани пак, иако се согласува дека во турбулентен период во кој се наоѓа Косово може да постои одредена поврзаност со овој случај поради желбата на одредени струкури во овој момент да бидат ,,на слобода ,, сепак смета дека на косовските власти не им одговоара радикализација на состојбите:


„Напротив мислам дека нивна главна поента во овој момент е во регионот и Косово да биде мирно, затоа што во една тензична ситуација тие не би биле во позиција да преговараат.“

Истакнува Сулејмани.
XS
SM
MD
LG