Достапни линкови

Eкспертите со став дека Собранието е главен дестабилизатор на демократијата


„Бучковисти, бранковсти сите се вклучени и затоа се обединети.“

„Има голема разлика меѓу вас и нас и за среќа тоа е добро. Ние не вадиме пушки и пиштоли, не сакаме да се колеме.“


Како илустрација за начинот на говор на македонските пратеници, ова е само дел од комуникацијата меѓу пратениците Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ и пратеникот од опозиционата СДСМ Игор Ивановски од собраниската расправа за пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски. Небирањето на зборови, за да се оцрни политичкиот противник е во континуитет дел од ниската комуникација карактеристична во македонското собрание, коментираат експертите. Во оваа насока социологот Илија Ацевски објаснува:

„Нашите пратеници ги надминаат сите бариери на едно неделочни, да не речам уличарско однесување кое што во таа борба за власт или за одржување на власт, имено без разлика дали сте во позиција или опозиција веќе не се бираат апсолутно никакви средства.“

Причините, аналитичарот Јован Донев пак ги наоѓа во ,,истрошеноста,, како што вели на политичарите.

„Фактички зборовите се веќе потрошени и тука е проблемот кај политичарите и во тој случај постојано се спушта нивото на комуникација.“

Бегањето од дневниот ред на собраниските седници, немањето на порака во она што се кажува со цел оцрнување на противникот за да се ,,соберат,, што повеќе политички поени се решава со договор околу собранискиот деловник кој што колку толку, вели Донев ќе ја фокусира дебатата. Но, немањето на чувство е главниот проблем вели тој:

„Народни пари трошат на процедура, кога можат да се седнат и да се договорат дека треба да се донесе таков и таков деловник и тој да се почитува.“

Посочува Донев. Презаситени од ,,претставите,, во Собранието, граѓаните велат дека се бранат со избегнување да ги гледаат седниците:

„Да ви кажам воопшто не ги гледам.“

„Одат во некои крајности што воопшто не се долични.“

„Што знам што да ви кажам, воопшто не сум задоволен од политичариве.“


Дека нискиот степен на политичка комуникација, резултираше со контраефект и исклучување од следење на настаните кај повеќето граѓани се согласува и социологот Илија Ацевски. Но, меѓу оние граѓани мегу кои таквиот говор допира, резултатот е е поделеност на оваа или онаа партија, раздор и несигурност, објаснува професор Ацевски:

„Од анкетите што ги правам јас, граѓаните го посочуваат парламентот како место кое што е дестабилизатор на парламентарната демократија, што апсолутно загрижува.“
XS
SM
MD
LG