Достапни линкови

Расправа за одземањето на пратеничкиот имунитет на Бучковски


Собранието на Република Македонија ја почна шеесет и третата седница, на која пратениците расправаат за одлуката на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања со која се одобрува изрекување мерка притвор на пратеникот Владо Бучковски. Седницата е на иницијатива на пратениците на СДСМ кои ја оспоруваат одлуката на Комисијата.
Повеќе од еден час мина во процедурални забалешки меѓу пратениците на СДСМ и претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски зошто е така формулиран дневниот ред, зошто седницата е закажана за денеска, а не како што барала опозицијата да се свика итна, дали да се даде пауза за да се поделат стенограмите од седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на 2 август кога беше донесена одлуката за одземање на имунитетот на пратеникот Владо Бучковски.
Престедателот Георгиевски истакна дека неговата одлука е донесена врз основа на Деловникот за работа на Собранието.

Пратениците Никола Рилковски и Славица Грковска од СДСМ побараа одложување на денешната седница со цел да се продолжи седницата на Комисијата, за која сметаат дека не е завршена, а денешната седница дополнително да биде закажана.

Пратениците од ДУИ процедурално побараа да им бидат доставени стенограмите од седницата на Комисијата, со цел да бидат запознаени со случувањата, бидејќи како што истакна Рафиз Алити, дел од нивните сопартијци во тој период го користеле својот годишен одмор. И пратеничката група на ДПА побара да ги добијат стенограмите од седницата на Комисијата.

Според Кире Гештаковски од СДСМ, направен е пропуст од страна на претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, кој денешната седница требало да ја закаже за утре. Гештаковски се повика на писмото кое било доставено до истражната судијка Катица Јовановска каде се вели дека седница ќе се закаже 15 дена по одлуката на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.
Владо Бучковски смета дека одлука на Комисијата не постои. Според него, оваа седница има политичка позадина.
Пратеничката Славица Грковска побара дневниот ред да биде дополнет со Информацијата за случувањата на седницата на Комисијата во врска со барањето за утврдување на притвор на пратеникот Владо Бучковски, и да се стави како прва точка на дневен ред на оваа седница.

За предлогот на Грковска „за“ гласаа 73 пратеници, по што претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски како предлог-дневен ред ги постави двете точки. Пратениците решија оваа точка да биде вметната во дневниот ред, но да не се рагледува како прва.

Андреј Жерновски од ЛДП побара на денешната седница да се расправа и за обидот за гранатирање на зградата на Владата. Неговото барање беше одбиено.
Преседателот на Собранието Георгиевски пред започнувањето на расправата по дневниот ред побара да не се користат навреди и истакна дека за одлуката на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања со која се одобрува изрекување мерка притвор на пратеникот Владо Бучковски, пратениците ќе имааат право да зборуваат само еднаш во траење од десет минути, а координаторите 15 минути. Неговиот предлог беше ставен на гласање што предизвика незадоволство кај пратенците на СДСМ, кои накратко ја напуштија седницата. Предлогот на Георгиевски беше прифатен од парламентарното мнозинство.

На почетокот на расправата Радмила Шекеринска од СДСМ истакна дека ограничувањето на дискусиите значи само уште еден начин на кршење на Деловникот.

Владо Бучковски побара да не биде ставен во категоријата на пратеници кои ќе зборуваат десет минути, истакнувајќи дека тој би требало да има повеќе време за дискусија.

Претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски даде 30 минутна пауза на која барањето на Бучковски ќе биде дадено на разгледување на координаторите на пратеничките групи за да се одлучи дали тој ќе зборува десет минути или пак ќе му биде дозволена подолга дискусија.
XS
SM
MD
LG