Достапни линкови

Прв пат вооружени сили на суверена влада да бидат оквалификувани како терористички


Американската администрација би можела Иранската Исламистичка Револуционерна Гарда да ја стави на листата терористички организации, пишуваат некои американски весници. Тоа би било за прв пат, Соединетите Држави да оквалификуваат како терористи, вооружени сили на една суверена влада.

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран се во постојан пораст, особено во последниве месеци, будејки бушовата администрација го обвинува Иран за вооружување на милитаните во Ирак и во Авганистан, како и за обид да произведе нуклеарно оружје. Претседателот Џорџ Буш неодамна во Вашингтон, изјави:

„Една од главните причини, што побарав од американскиот амбасадор во Ирак Рајан Крокер да се состане со иранците во Ирак, е да им испрати порака дека ќе има последици за оние што транспортираат софистицирани експлозивни направи со кои се убиваат американци во Ирак.“

Според американските медиуми, нареден чекор на Вашингтон против Иран ќе биде ставањето на исламската револуционерна гарда на листата терористички организации. На тој начин ќе можат да бидат блокирани бизнисите и сметките на Гардата во странство, но аналитичарите додаваат дека такви сметки можеби има малку. Главниот ефект би бил засилен политички и психолошки притисок врз Иран. Иранската револуционерна гарда датира од исламската револуција во 1979 година и се проценува дека брои околу 125 илјади војници. Тие се главниот столб на претседателот Махмуд Ахмадинеџат, кој исто така бил член на оваа елитна воена формација. Според Њујорк Тајмс, Вашингтон за ваквиот потег има неколку мотиви. Прво, загриженоста од одлагањето на новите санкции од Советот за безбедност на Обединетите Нации против Иран, и второ, задоволување на барањата на порадикалните структури во Вашингтон, кои инсистираат на поагресивна политика спрема Техеран. Иранскиот новинар Алиреза Нуризадех, кој живее во Лондон, за Радио Слободна Европа изјави:

„Ставањето на името на Револуционерната гарда меѓу терористичките организации може да биде проблематично за неа, главно на меѓународен план. Тоа ќе значи дека компаниите што ги поседува Гардата во Европа или во Дубаи, нема да можат да продолжат да работат. “

Аналитичарите оценуваат дека без сомнение, ваквиот потег на Вашингтон уште повеќе ќе ги заостри тензиите со Иран.
XS
SM
MD
LG