Достапни линкови

Конкурентни со цената, но не и со опремата


Ефтина работна сила, но и квалитет, ова се адутите со кои македонските градежни фирми можат да конкурираат на странските пазари, посочуваат претставници на градежни фирми во земјава.
Порано бевме присутни и во Ирак и во Кувајт, но денес сепак најповолни услови за работа имаме во соседството, вели Лазар Торбаков од градежното претпријатие Пелагонија.

„Веќе и не сме во можност толку конкурентно да настапуваме. Таму има ефтина работна рака од блиските земји и не верувам дека било која градежна компанија таму може да успее. Сега има некои активности околу истражување на бугарскиот пазар, некои комуникации во Русија, но тоа е далеку од реализација на некој проект.“

Иако ретко учествуваат на меѓународните тендери за проекти во други земји и од малите градежни фирми посочуваат дека имаат капацитет да бидат конкурентни на странските фирми.

„Ние имаме имаме релативно добри мајсторски групи. Луѓе кои знаат да се вклопат во секаква ситуација, во нови технологии на градење. Европските земји може да ги покриваме слободно и не постојат пречки,“

изјави Татјана Шундовска, сопственик на градежната фирма Есперанца од Битола

Спротивно на ваквите тврдења експертите сметаат дека во градежништвото се забележува негативен тренд. Проф. Орхан Авдовиќ од Градежниот факултет во Скопје вели дека градежните компании беа конкурентни пред 20 години. Денес, посочува тој постои тренд во кој странски фирми го освојуваат домашниот пазар.

„Ние бевме конкурентни бидејќи имавме и добро опремени фирми, со кадар и опрема. За жал, општата состојба во стопанството води во лоша ситуација со опрема и кадар.“

Она што недостасува укажува проф. Авдович е државна стратегија што ќе ги заштити домашните градежни фирми и ќе ги зголеми приходите од оваа гранка. Според последните статистички податоци во периодот од јануари до јуни оваа година македонските градежници сработиле во странство двојно повеќе од лани, односно за 54 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
XS
SM
MD
LG