Достапни линкови

Работнички фаворит во второто коло на купот УЕФА против Зрињски од Босна


Единствениот македонски претставник во фудбалските еврокупови, Работнички Кометал, на Градскиот стадион во Скопје, ќе го одигра првиот меч од второто квалификациско коло во Купот на УЕФА. Противник на романтичарите ќе им е босанскиот Зрињски, кој во претходната рунда со вкупни 11-1 беше совладан од белградски Партизан. Сепак, поради инцидентите кои на средбата во Мостар ги предизвикаа неговите навивачи, УЕФА ги суспендира „црно - белите“, па македонските љубители на фудбалот и по 15 години во официјален натпревар нема да можат да го видат клубот, чие гостување имајќи го предвид големиот број симпатизери кај нас, гарантираше полн стадион и спектакл.

Тоа останува за други времиња, а Работнички сега има обврска да ја оправда фаворитската улога, па во третото коло да добие уште поатрактивен противник. Доволен мотив за давање на максимумот, а не за потценување на Зрињски, нешто на што предупредува шефот на стручниот штаб, Драгољуб Беквалац.

„Добивме не толку атрактивен, но опасен противник кој ако се потцени може да ни направи многу проблеми. Според квалитетот на лигите, одприлика тоа е противник рамен на нас, а мечот со Партизан не ја покажа неговата слабост туку квалитетот на белграѓаните. Затоа мислам дека ќе биде потребно многу труд, желба и пот за да се елиминира Зрињски, кој против нас сигурно ќе бара шанса за пласман понатаму. Свесни сме за тоа и ќе сториме се наредниот месец во Скопје да доведеме уште поквалитетен противник од Партизан,“

изјави Беквалац, чии зборови допираат и до играчите, па и тие најавуваат сериозност. Но, не го кријат и оптимизмот пред дуелот со клубот чиј најголем адут е тренерот Блаж Слишковиќ.

„Јас се надевам дека може да го поминеме Зрињски, но не треба да дојде до опуштање во нашите редови и да не залажат оние убедливи победи на Партизан. Сепак, Партизан е јака екипа. Можеби Зрињски имал слаб ден, битно е ние да одиграме максимално концентрирано и се надевам дека ќе се најдеме во третото коло,“

вели капитенот Стојанче Игњатов, кој, со соиграчите има безрезервна доверба од љубителите на фудбалот, за кои реваншот на 30 август ќе е формалност.

„Очекувам Работнички да оствари убедлива победа. Слишковиќ си е Слишковиќ и може да изненади, но сепак Работнички е фаворит.“
„Сигурна победа на нашиот претставник. Зрињски покажа дека не е со квалитет од европскиот крем.“
„Победа на Работнички Кометал и редно е еден наш тим да оди што подалку и да се пласира во група.“
XS
SM
MD
LG