Достапни линкови

Македонија не е дел од косовското прашање


Македонија не е дел од косовското прашање, тоа се Белград и Приштина, велат од МНР во врска со споменуваната опција за можната поделба на покраината, од која според некои анализи, Македонија би била колатерална штета. На прашањето, дали ова е лошо решение за државата портпаролот Шпреса Јусуфи одговара:

„Се она што ќе биде договорено и страните ќе се согласат на такви решенија и кои ќе продуцираат стабилност за нас се прифатливи, но сепак сметаме дека принципите од планот на Ахтисари треба да останат основа за доаѓање до соодветно решение.“

Македонија е суверена држава и не треба да влегува во коментари во однос на сценаријата за решавање на идниот статус на Косово, вели потпретседателот на СДСМ Игор Ивановски:

„Подолг временски период некои кругови во Белград изјавуваат дека ако Косово е независно Македонија ќе се подели. Исто така, некои кругови во Приштина велеа дека ако Косово не е независно, Македонија ќе се подели. Тоа се две спротиставени тези и концепции коишто и во едниот и во другиот случај се обидуваат да ја вовлечат Република Македонија во овој процес.“

Сепак, тој потенцира дека поделбата е лошо решение за нас:

„Сметам дека таквото решение е тешко изводливо воопшто. Мислам дека главната работа којашто претставува опасност за ваквото сценарио е што предизвикува поделба и исцртување на нови граници.“

Поделбата на Косово е неприфатлива за нас како партија, поради општите состојби во Косово и регионот, вели Азис Положани член на собраниската комисија за надворешна политика од ДУИ:

„Затоа што поделбата врз етнички принцип би значело и крах на идејата за мултиетничките држави коишто во регионот ги има многу.“

За сега, вели Положани не сакаат да прогнозираат дали евентуалната поделба би се одразила со слична состојба и во Македонија:

„Неблагодарно е да се прогнозираат некои идни состојби. Во секој случај тоа е сериозна закана за мировните процеси во регионот врз основа на документите гарантирани и од меѓународниот фактор, почнувајќи од Дејтонскиот, кумановскиот, па и од охридскиот договор.“

И покрај нашите настојувања, не успеавме да добиеме мислење од владината ДПА.
XS
SM
MD
LG