Достапни линкови

Потребни пари, стратегија и подобра меѓуопштинска соработка


Потребни се пари, стратегија, но и подобра меѓуопштинска соработка за развој на локалната економија, посочуваат упатените во оваа област. Градоначалниците велат дека интерес за инвестирање во одредени општини постои, но поради долгата бирократска процедура да се почне бизнис во некоја област, повеќето потенцијални инвеститори предвреме се откажуваат. Градоначалникот на општина Желино, Кенан Алиу посочува дека проблем претставуваат и лимитираните општински буџети.

„Воопшто локалните власти немаат буџетски капацитети да им помагаат на стопанствениците.“

Градоначалникот на Кочани, пак Љубомир Јанев посочува дека локалната власт остварува одлична соработка со локалните бизнисмени, а со цел да е подобри бизнис климата во Кочанскиот крај се преземаат и конкретни мерки.

„Општина Кочани меѓу првите формира и општински фонд за поддшрка на семејни и мали бизниси. Тоа се повратни средства, во вид на кредити и општината на тој начин има директно влијание во потткинување на претприемаштвото.“

Во општина Берово постои интерес за инвестирање во туризмот, производство на храна и дрвната индустрија вели раководителот за локален економски развој и меѓународна соработка, Јасмина Андоновска. Таа вели дека во насока на привлекување на домашни и странски инвеститори општината нуди повеќе поволности.

„Намалување и ослободување на комуналии кои се обврска на инвеститорот. Во рамки на нашите можности правиме напор да извлечеме максимум.“

Според поранешниот претседател на ЗЕЛС, Горан Анѓелов постојат повеќе начини со кои може да се подобри економската состојба на локално ниво.

„Мора да се размислува малку пошироко од атарот на својата општина. Мора да размислуваме регионално. Централната власт мора да даде поголеми стимулации за општините кои се ангажираат за локален економски развој.“

Градоначалниците посочуваат дека еден од најдобрите начини да се унапреди локалниот економски развој е да се додели градежното земјиште под надлежност на локалната самоупрва, што според повеќето градоначалници ќе донесе директни инвестиции од одредени бизнис структури.
XS
SM
MD
LG