Достапни линкови

Испитување на пулсот на јавноста на двете страни?


Посредничката тројка во новите преговори за Косово вчера за првпат спомна дека поделбата на Покраината би можело да биде една од опциите за нејзиниот конечен статус доколку за тоа се согласат србите и албанците. Веднаш потоа европреставникот во тројката Волфганг Ишингер соопшти дека лошо бил интерпретиран. Сепак, некои западни аналитичари сметаат дека спомнувањето на поделбата на Косово е со цел да се испита расположението на јавноста на двете страни за оваа досега табу тема.

Секој договор меѓу Белград и Приштина за идниот статус на Косово е прифатлив, изјави вчера во Приштина пратеникот на Европската Унија во посредничката тројка на Контакт групата Волфганг Ишингер. ,,Принципот на тројката е да да биде подготвена да одобри секој договор што ќе го постигнат двете страни. Тоа ги вклучува сите опции,, изјави Ишингер кој запрашан дали во тоа спаѓа и поделба на Косово, како што јавуваат агенциите, рекол:,,Ако тие го сакаат тоа,,. Но, веднаш потоа во соопштението за Радиотелевизија Косово тој демантира дека изразил поддршка за поделба на Косово како можен резултат од дополнителните преговори меѓу Белград и Приштина.,,Никогаш тоа не сум го сугерирал, ниту ја поддржувам поделбата,, вели Ишингер прецизирајќи, дека Тројката нема да дава сугестии, туку само ќе ги ислуша предлозите на двете страни. Тоа во почетокот на мисијата на тројката во петокот во Белград го изјави и американскиот пратеник во тројката Френк Визнер:

„Во рамките на Контакт групата ќе слушаме и се ќе покренеме во обидот да најдеме решение кое е прифатливо за страните. Ќе настојуваме да го задржиме таквиот курс на работа во неделите кои се пред нас со апсолутна решеност да ја испитаме секоја можна опција која ќе доведе до успешен крајен резултат, мир во регионот и подобра иднина за Србија и за Косово.“

Во тој контекст тројката, како што вели Ишингер, бара од двете страни да размислуваат пошироко.,,Мали се надежите за компромис, доколку ги повторуваат нивните класични позиции,, наведе тој, додавајќи дека следните состаноци на тројката со властите во Белград и Приштина ќе биде кон крајот на овој месец. Посердничката мисија на тројката за повеќето аналитичари е конечниот обид за изнаоѓање компромис за идниот статус на Косово. Дел од нив се и на став дека можеби станува збор за купување време пред Косово еднострано да прогласи независност, осум години откако НАТО ја презеде контролата врз таа територија од Србија. Западните дипломати сметаат дека поделбата на Косово би можело да ги обнови насилствата на етничките албанци во Јужна Србија и во соседната Македонија кои со посредство на Европската Унија и НАТО беа запрени во две илјади и првата година. Во сите опции, поделбата на Косово беше спомнувана како можен но и ризичен излез од ќор сокакот. Некои аналитчари, како што пренесуваат агенциите велат дека Србија потајно смета на тоа и оти вчерашните коментари на Ишингер, по се изгледа, ќе треба да го скршат мразот. Контакт групата на десетти декември годинава треба да му поднесе извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации за она што сторила посредничката тројка за време на нејзината сто и дваесет дневна мисија.
XS
SM
MD
LG