Достапни линкови

Најважно е дека сега имаме мир и подобрени меѓуетнички односи


Шест години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор имаме мир и подобрени меѓуетнички односи, анализираат експертите. Компромисот беше неопходен за излез од конфликтот во 2001 година, а истиот немаше да се случи ако немаше притисок од трета страна, вели проф. Мирјана Малевска од Универзитетот на Југоисточна Европа:

„Тоа беше меѓународната заедница. Страната која што беше послаба, тоа беше ОНА настојуваше по секоја цена да ја вовлече меѓународната заедница во што успеа.“

Ако не беше договорот, ќе немавме мир, се согласува еден од потписниците, Имер Имери. Еве во каква атмосфера се одвивале преговорите тогаш:

„Во еден момент ни рекоа да ги пишуваме нашите политички барања, ги пишувававме ги дадовме и кога дојдоа повторно, само рекоа дека тоа е ништовно и нема договор и во тој случај дојде и г-динот Солана и виде дека неможеме сами и затоа дојдоа и посредници.“

Ниту една влада досега немаше војла да го имплементира договореното од 2001 година, вели Имери, според кој преговорите тогаш не биле целосно завршени. Договорот меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети е само обид да се финализира она што пред шест години остана недовршено, вели Имери:

„Затоа стана оваа имплементација осакатена, бидејќи незавршивме со сите точки. Не е имплементиран јазикот и не се почитува политичкиот договор, лицата кои што добија амнестија во текот на вооружените дејствија и кои што треба да се третираат исто како и бранителите.“

Од денешна перспектива можеме да констатираме дека рамковниот договор ја оствари својата цел. Имаме дегутантна политичка атмосфера и какви-такви дијалози, но немаме војна, а тоа е најважно, заклучува проф. Малевска:

„Се влечеме, се мачиме навистина понекогаш на ивица на дегутантна политичка атмосфера, меѓутоа навистина немаме конфликт, а тоа е најлошата варијанта.“

На денешен ден, пред шест години во присуство на претставници на Меѓународната заедница, договорот го потпиша поранешниот претседател Борис Трајковски и лидерите на четирите партии тогаш.
XS
SM
MD
LG