Достапни линкови

Раст на индустриското производство и намалување на невработените се главни причини


Последните истражувања покажаа дека Србија, според просечната заработувачка, предничи во однос на Босна, Црна Гора, Македонија, Романија и Бугарија. Пред Србија е само Хрватска. Економистите велат дека не секогаш платата е сигнал и за повисок стандард.

Просечната нето плата во јуни годинава во Србија изнесуваше околу триста и пеесет евра. Во тој период таа во Македонија беше двесте и триесет, во Бугарија двесте, а во Романија триста евра. Единствено Хрватска со шестотини и пеесет евра е пред Србија.

„Тоа што платите во Србија се поголеми од другите земји е последица пред се на структурата на платниот биланс. Имаме пораст на индустриското производство, но во исто време и намалување на бројот на вработените во тој сектор. Значи сумата за плати се дели меѓу помал број вработени.“

Вели Горан Николиќ, стручен соработник во Стопанската комора на Србија. За економистот Саша Џоговиќ порастот на платите е произведен од јавниот сектор и додава дека платите немаат реална основа во остварената продуктивност на трудот во стопанските дејности.

„Тоа што е интересно е оти ни со просечните нето заработувачки, без оглед што дојдоа на вакво ниво, ние и натаму не можеме да ги покриеме трошоците на стандардната потрошувачка кошничка. Тоа доволно зборува за незадоволителниот животен стандард во земјата. “

На ист став е и Алекснадар Стевановиќ од Центарот за слободен пазар, кој прецизира дека за едно евро во Србија може да се купи многу помалку отколку во Бугарија, Босна, Романија.

„Според тоа, постои тој момент кога некогаш и малата плата може да значи реално поголем стандард за граѓаните на тие држави. Во овој момент платите изгледаат поголеми отколку што е нивната реална куповна моќ.“

Вели Стевановиќ, додавајќи дека во Србија на подолг рок не може да се очекува да продолжи ваквото сензационално зголемување на примањата. Експертите се согласуваат дека до крајот на годинава би следувал период на забавен пораст и оти до декември, според нивните очекувања, просечните плати би изнесувале околу четиристотини евра.
XS
SM
MD
LG