Достапни линкови

Мора да се формира независна Агенција за јавни набавки, велат експертите


Бројни недостатоци во законот за јавни набавки го прават овој закон клучен генератор на појавите на мито и корупција и злоупотреба на службената положба. Иако ескпертите велат дека и во светски рамки овој закон е клучна подлога на корупцијата, ние сме една од ретките земји каде што во него опстојуваат некои од нелогичностите.

„Имаме големо влијание врз органите кои што одлучуваат по јавните набавки. Почнувајќи најпрво од Комисиите во органите, потоа од Второстепената комисија при Владата, потоа и Бирото за јавни набавки кое исто така е во состав на Министерството за финансии. Ние сме значи една од ретките земји која нема независна Агенција за јавни набавки.“

Вели поранешниот член на антикорупциската комисија Вања Михајлова. Освен формирање незавиосна агенција за јавни набавки таа укажува и на други потреби за да се избегнат неправилностите. Комисии составени од постојани членови и стручни луѓе и незвисен мониторинг особено во случаите кога се избира последователно повеќе пати еден ист понудувач. Едно од најчестите нарушувања на законот за јавни набавки и тоа преку негово слободно толкување се прави преку одредбата за набавки со директна спогодба:

„Законот за јавни набавки дава можност, субјектите да не ги пременуваат одредбите од наведениот закон по пат на отворен или ограничен повик за набавки од помала вредност, од 100 илјади евра или милион евра. Во оваа состојба дава можност набавките да се спроведуваат врз основа на преговарање и тоа создава една можност за слободно толкување.“

Вели заменик државниот ревизор Благоја Илиевски. Ревизијата, како што вели тој покажува прекршување на законот и во уште некои случаи кои најчесто се повотруваат а тоа е недонесување план за набавки, групни набавки без претходен договр, незапазување на роковите за прибирање понуди, неутврдување на максималните износи на набавката. Државната ревизија ги констатира случаите дури кога тие ќе бидат завршени, вели Михајлова додавајќи дека е потребно повеќе на планот на превентивата. Судските спорови по жалбите на оние кои не го добиле тендерот додаваат само уште една нелогичност во низата – долгите судски постапки евентуално ја оспоруваат набавката долго време откако таа ќе биде завршена. Следејќи го ланецот на влијанија според поставеноста на органите кои одлучуваат, одговорноста за прекршувањето на законот за јавни набавки тешко се утврдува. Во Македонија ретко се случува некој од ваквите случаи да добие судска завршница.
XS
SM
MD
LG