Достапни линкови

Содржината на изјавите покажуваат немање чувство за тежината на зборот, сметаат експертите


Изминативе десетина дена претставници на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку своите изјави за актуелната политичка состојба инволвираа и членови на семејства на политички опонентни и одредени етнички групи. Секогаш кога ќе се вжешти атмосферата на политичката сцена се намалува нивото на комуникација, оценува аналитичарот Јован Донев. Причините за ваквите партиски препукувања лежат во недоволната подготвеност за комуникација:

„Немаат чувство за тежината на зборот. Не сакам да кажам дека е домашна култура, но сигурно недоволна подготвеност за јавни настапи и недоволна свест за тежината на искажаниот збор. Од друга страна, претпоставувам дека треба да се земе и вкупната клима во Македонија. Тоа не е само во политиката, имаме неподготвеност за дијалог, нема расправа на аргументи, туку на сила, демонстрација на лоши и тешки зборови.“

Коментирајќи го честото споменување на влашкото лоби Донев вели:

„Кога би била влашката етничка заедница поголема, сигурно би предизвикала сериозни етнички тензии итн.“

ВМРО-ДПМНЕ секогаш внимава на тежината и вистинитоста на искажаните зборови, вели партискиот портпарол Александар Бичиклиски:

„Од нас не беше наведена етничка група, туку беше споменато одредено лоби, но сето тоа беше во контекст на политичката култура, затоа што тоа беше информација со која се презентираше несериозноста на СДСМ.“

Додека тој го обвинува политчкиот опонент дека го спуштил нивото на комуникација, од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМЕ се виновни. Портпаролот Дамјан Манчевски вели дека изјавата на партискиот потпретседател Игор Ивановски – „И вие имате деца“ била извадена во контекст:

„Значи, изјавата беше дадена во контекст на тоа дека државата мора да функционира за сите деца, за да функционираат уставот и законите и да не се јават политички реваншизми од било која страна подоцна.“

Донев пак вели дека е крајно време партиите да сфатат дека политиката не треба да се заснова на понижување на противникот:

„Ние одиме по логиката, победникот зема се. Во секоја политичка битка, во вербална размена на напади, ние гледаме да го уништиме противникот. Ние не знаеме да прифатиме ситуација на изедначување на итересите,“

објаснува Донев.
XS
SM
MD
LG