Достапни линкови

logo-print

Стратегија има, нема пари


Стратегија има, но недостасуваат пари и добар маркетинг за развој на туризмот на локално ниво. Вака градоначалниците на неколку општини во земјава, го коментираат малиот број на посетители во нивните локални единици.
Македонија има езера, но има и прекрасни планини и села, на кои им треба добра промоција, вели прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

„Општините треба да поработат на организацијата и маркетингот и заеднеички да настапуваме во презентација на оние дела, културно – историски споменици и локалитети што ги имаме во општините.“

Смоларските и Колешинските водопади, Мокринските извори, археолошкиот локалитет Црвено Поле, ова е само дел од туристичката понуда на општина Ново Село. Градоначалникот Никола Андонов вели дека проекти за развој на селскиот туризам во тој крај има, но главен проблем претставува обезбедувањето на финансисики средства.

„Ако ние тоа што го бараме ни го дадат – да менаџираме со државното земјиште, ние имаме потенцијални инвеститори коишто ќе си го купат земјиштето таму и таму ќе инвестираат во тој дел. Ако тоа ни се даде, ќе немаме никакви проблеми,“

вели Андонов.

Иако бројот на посетители на општината Вевчани постојано расте, сепак оваа локална единица има многу поголем капацитет за развој на туризмот, вели градоначалникот на оваа општина Васил Радиновски. Според него, потребна е подобра соработка меѓу соседните општини, но и промоција на она што го нудат општините.

„Македонија треба повеќе да обрне внимание и повеќе да инвестира во она што се вика туризам, од запознавање на светот до градење на инфраструктура.“

Македонија има прекрасни места, села во кои се сочувани манастири и цркви од 13 век, планиснки предели кои се идеални за изградба на хотелски капацитети, се согласуваат повеќето градоначалници. Но за да се привлечат инвеститорите , потребна е успешна маркетинг кампања и подобра соработка на централната со локалната власт.
XS
SM
MD
LG