Достапни линкови

Акт на противници на македонската држава и демократскиот развој, оценуваат аналитичарите


Иако извори во МВР наведуваат дека станува збор за оружје што се користело за време на конфликтот во 2001 година и се претпоставува двете гранати со домет од 450 метри биле испукани од правец на скопската тврдина, портпаролот на МВР Иво Котевски вели:

„За сега не можеме да потврдиме што била целта и кои биле мотивите, така што сеуште се работи и истрагата е во тек за утврдување евентуално на местото од каде што е пукано, а исто така за идентитетот и мотивите на сторителите.“

Стојан Коцев, професор на воената академија оценува дека без разлика што не се знаат мотивите не сака да верува дека гранатирањето на е политички мотивирано:

„Тероризмот и не би бил тероризам доколку однапред се дефинирани извршителите и целите. Овој акт во секој случај е најава за некои случувања во Република Македонија кои немаат таков белег во подолгата македонска историја или пак се од понов датум. Не би сакал да верувам дека овој терористички атак претставува политичка разврска на политичките опоненти на македонската политичка сцена.“

Според аналитичарот Назми Малиќи гранатирањето ја потврдува дилемата за внатрешна нестабилност.

„Кога политичките елити секојдневно зборуваат за меѓусебни обвинувања, криминализација и како дел од однесувањето во позицијата и опозицијата, се разбира дека може да се случат одредени настани како што е и овој, што ја потврдува дилемата за некоја внатрешна нестабилност.“

Според професорот Кусев пак, зад овој чин стојат противници на демократската стабилност на Македонија:

„Во секој случај загрозувањата на Република Македонија не се изолирани и не доаѓаат ниту однадвор ниту одвнатре, туку тие работат условно речено во коалиција. Целта им е една. Тие се противници на македонската држава и демократскиот развој.“

Дел од партиите од опозицијата, како што е СДСМ, оценија дека настанот ќе го сметаат за фабрикувана лага, со цел да се дефокусира вниманието на јавноста, доколку МВР во најкус можен рок не ја лоцира одговрноста за инцидентот и не бидат откриени сторителите.
XS
SM
MD
LG