Достапни линкови

Опозицијата со иницијатива пред Уставниот суд, Владата упорно не објавува бројки


Издвојувањето пари за покривање на сметките за кирии на неколку членови на Владата и на Директори на претпријатија кои имаат имоти во странство останува спорно за опозицијата. Кога се носеше законот за извршување на буџетот со кој се предвиде да се плаќа овој посебен надомест за група функционери СДСМ реагираше сметајќи дека граѓаните не се должни да плаќаат даноци за да решаваат приватни и лични прашања. Подоцна група пратеници покрена постапка пред Уставниот суд, оценувајќи дека со оваа одредба од законот е прекршен Уставот.

„Ние ден денеска од Владата сеуште не добивме одговор колку средства им плаќаат на Веле Самак, на Глигор Ташковиќ, на Зоран Ставревски, на Виктор Мизо, на Иво Ивановски, на Перо Димшовски и на другите избрани и именувани функционери коишто пред изборот живееле во странство за одржување на нивните имоти, коишто ги имаат таму. Ако нивното стапување на функција било договорено со господинот Груевски како премиер и било условено со тоа што државата Република Македонија, или граѓаните да плаќаат за одржување на нивните имоти во странство, тогаш сметаме дека премиерот требаше да ја информира македонската јавност,“

вели Славица Грковска од СДСМ, еден од потписниците на иницијативата поднесена пред Уставниот суд на почетокот од годината. Портпаролот на владата Ивица Боцевски за ова има поинакво објаснување:

„Владата сакаше да посочи под кои услови ќе бидат ангажирани овие луѓе во Република Македонија, односно под услови кои ќе им овозможат пристојни и соодветни начини за работа и за труд.“

Меѓу правниците постојат различни толкувања за тоа, дали оваа одредба го доведува во прашање суштинското остварување на целите на законот, кои опфаќаат рационално користење на буџетските средсвта.

„Сметам дека се работи за специфичен случај“, вели Осман Кадриу професор на Универзитетот на југо источна Европа. Според него, одредбата од овој закон не е во директна спротивност со правната регулатива. Но, тој напоменува дека она што може и треба да биде предмет на разгледување е договорот меѓу владата и тие функционери:

„Не би требало да претставува некој преседан или некоја група повреда на законот и ако се плаќаат кирии, но во однос на другите поединечни прашања во однос на нивниот статус се прашања кои треба да се види од договорот што постои меѓу владата и нив. И прашањето на платата и прашањето на одредени хонорари, и прашањето на одредени дневници кога има потреба да се патува надвор и внатре,“

напоменува Кадриу.
XS
SM
MD
LG