Достапни линкови

СДСМ бара прекин на распитот, меѓународен мониторинг и најавува кривични пријави


Придружуван од партиското раководство на СДСМ, Владо Бучковски се јави утрово на распит кај судијката Катица Јовановска во Основниот суд 1 во Скопје. Во придружба на Бучковски се и членови на партиското раководство кои беа за негова смена од функцијата претседател на СДСМ. Пред судот со автобуси дојдоа и членови на СДСМ. Според Финансиската полиција Бучковски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување при набавка на резервни делови за армиските тенкови, дело за кое веќе му е одреден притвор на генералот Методи Стамболиски и директорот на МЗТ ФОП Митре Петковски.
Во меѓувреме, СДСМ побара итен прекин на распитот на Бучковски се додека не се обезбеди мониторинг од претставници на Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет, ОБСЕ и на други меѓународни институции,
„Денеска се потврдува дека целиот процес претставува монтирано сценарио против пратеникот Владо Бучковски. Иако го побаравме тоа од собраниските служби СДСМ се уште не може да ја добие одлуката на Комисијата за мандантно имунитетни прашања дека му е одземен неговиот пратенички мандат. СДСМ бара итен прекин на распитот на Бучковски се додека не се обезбеди мониторинг“,
изјави членот на Извршниот одбор на партијата Дамјан Манчевски.
Тој посочи дека од партијата веќе упатиле повик до Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет, ОБСЕ и оти тие најавиле дека ќе дојдат. Манчевски информира дека СДСМ веќе поднела кривична пријава против претседателката на Комисијата за деловнички и мандантни имунитетни прашања Светлана Јакимовска заради, како што вели, груб фалсификат и го повтори барањето на партијата за итна собраниска седница најдоцна во понеделник.
XS
SM
MD
LG