Достапни линкови

Груба повреда на процедурата


Собраниската комисија за деловничко мандатни имнунитетни прашања, на седницата што заврши рано изутринава му го одзеде имунитетот на поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски, за што гласале шест од девет членови на комисијата, тврди Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ:

„Со шест гласа за се донесе одлуката. Другите три колеги од комисијата не гласале ниту за, ниту против, ниту воздржани, затоа што сакале да спречат носење на одлука.“

Спротивно од ова, претходно членовите на опозицијата обвиниле за кршење на собранискиот деловник и дека на гласањето не биле ставени предлозите што тие ги поднесоа. Бучковски, кој присуствуваше на седницата ги негира тврдењата дека му е одземен мандатот:

„Грубо беше повредена процедурата. На незавршена расправа, во еден момент, бидејќи трпението на претседавачот попушти и стави на гласање само еден предлог, што буквално гласеше, дали сте за притвор на пратеникот Бучковски, а не за одземање на мандатот. Беше јасно, дека со моето враќање и прекинувањето на годишниот одмор го расипав нивното сценарио.“

Пратеничката група на СДСМ најави дека ќе побара итна седница на Собранието на која би се расправало за овој случај. Но, според Бонева од ВМРО-ДПМНЕ следниот чекор значи дека истражниот судија треба да го повика Бучковски на распит:

„Тоа значи дека може истражниот судија да го повика на распит и доколку одлучи дека е потребен притвор, тогаш има право да донесе таква одлука, но не значи дека со тоа веднаш може да се донесе одлука за притвор, тоа е право на истражниот судија.“

Не е во прашање како ВМРО-ДПМНЕ гледа на процедурата, туку во прашање е шема која го монтира целиот случај, реагира Бучковски, кој вчера оцени дека станува збор за политичка хајка кон него:

„Со тоа што вчера не дојде на седницата истражниот судија се покажа дека има шема која го монтира целиот случај. Ако ВМРО има свое толкување и своја полиција, обвинители и судство, тогаш нема држава и тогаш генерално имаме поголем проблем од што реално сфаќаат просечните македонски граѓани.“

Одземањето на пратеничкиот имунитет го побара истражен судија по поднесената кривична пријава од финансиската полиција за Бучковски.
XS
SM
MD
LG