Достапни линкови

Контакт групата не може да ги преземе ингеренциите на Советот за безбедност на ОН


Контакт групата неодамна формира американско, европско, руска тројка која треба да посредува во преговорите меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово. Џуди Бат, експерт од Европскиот институт за безбедносни прашања, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Контакт групата не може да ги преземе ингеренциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Позитивно во формирањето на посредничката тројка, според експертот во Европскиот институт за безбедносни пршања Џуди Бат, е присуството на Европската Унија, односно тоа што во тимот нема претставник на одделна држава членка на Унијата, туку човек кој ќе ја репрезентира целата Европска Унија. ,,Сметам дека тоа е добро, бидејќи ќе помогне да се одржи и да се изрази единството на Унијата,, вели таа. Во врска со тоа дали Контакт групата може да го замени Советот за безбедност на Обединетите нации кога е во прашање дефинирањето на статсуот на Косово Џуди Бат оценува:

„Не, Контакт групата не може да ги преземе овластувањата од Обединетите нации. Тие само и ја делегираа одговорноста за водење на преговарачкиот процес и за формулирање на предлозите за можно решение. Тоа не е исто како и преземање на ингеренциите. Какво и да биде решението кое ќе произлезе од процесот што не очекува, тоа мора формално да мине низ системот на Обединетите Нации.“

Џуди Бат смета дека најавата на Соединетите Држави оти по истекот на сто дваесет дневните преговори меѓу Белград и Приштина, односно ако притоа не биде постигнат договор, ќе изнајдат начин да се дојде до надгледувана независност за Косово всушност е повторување на познатиот став на Вашингтон дека унилатерално ќе ја признае независноста на Косово. Ако дојде до тоа, дали Европската унија ќе го следи американскиот пример?

„Мислам дека за тоа мора да уследи дискусија меѓу земјите членки, бидејќи меѓу нив постојат очигледни различни мислења за проблемот и покрај тоа што изразија единствен став спрема напорите на Марти Ахтисари. Основата на неговиот план беше прифатена, но кога се работи за еднострано признавање кое ќе ги заобиколи Обединетите нации, можат да се видат разлики во нивните позиции.“

Вели аналитичарката Џуди Бат, која не ја отфрла во целост и можноста за прифаќање на идејата за поделба на Косово. Таа смета дека притоа е битно да се прават разлики меѓу две работи: меѓу де факто поделбата на теренот до која би можело да се дојде во иднина и свесното, намерно, уфрлање во политичката игра на опцијата поделба.

„Контакт групата веднаш ја исклучи поделбата на Косово како можна опција, бидејќи тоа би можело да има сериозни последици по Западен Балкан. Но, доколку српските и косовските лидери се договорат за такво решение, тешко може да се замисли дека Контакт групата ќе го спречува тоа. Какво било решение што ќе биде прифатено од двете страни, и од србите и од косовските албанци, би го поддржале и ние.“

Вели Џуди Бат од Европскиот институт за безбедносни прашања.
XS
SM
MD
LG