Достапни линкови

logo-print

До кога ќе се партизираат државните празници?


Во немањето на национален консензус за најважните прашања во државава и недостатоците на младата македонска демократија, стручната јавност ја лоцира причината за партизацијата на националниот празник Илинден.

Меѓусебните партиски препукувања меѓу власта и опозицијата околу тоа кој е поголем патриот и како треба да се чествува овој празник, станаа препознатливо сценарио во изминатите шеснаесет години, вели професорот Горги Тоновски од Факултетот за општествени науки во Скопје.

„Големите национални случувања мораат да бидат однапред јасно профилирано како збиднување од највисок национален интерес, како свеченост во која учествува секој човек, а не само да бидат причини за препукувања меѓу опозицијата и власта.“

Секој национален празник политичките структури го гледаат како повод за сопствена промоција вели Владимир Божиноски од Институтот за демократија.
За власта или опозицијата Илинден е можност за добивање политички поени, посочува тој

„Бидејќи станува збор за национален празник се обрнува повеќе внимание на патриотизмот што едната или другата партија го негуваат. И сега, тука е прашањето колку тие допираат до народот. Се разбира, доколку се случат одредени инциденти, тогаш преминува во злоупотреба, тогаш се злоупотребуваат празниците, доколку некој преку своја промоција му наштетува на празникот.“

Меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за партизацијата на двата Илиндена од 1903 година и 1944 година не појава којашто е карактеристична само за Македонија. Според Тоновски појавата на подвојување на празниците се среќава во повеќето земји во транзиција.

„Би било многу лошо ако ние прифатиме практика ако еден политички блок е поблизок до настани кои се случувале за време на турското ропство, а на друг политички блок му припаѓаат настаните што се случувале за време на анти фашистичката борба. Тоа се случува и кај некои соседни земји.“

Пред два дена опозициската СДСМ ја обвини власта за трошење на огромсни суми државни пари за прославата на Илинден на Мечкин Камен, каде што ќе зборува премиерот Никола Груевски. Од владата пак ги отфрлија овие обвинувања, со образложение дека опозицијата прави груб обид за партизација на македонската национална историја и празникот Илинден.
XS
SM
MD
LG