Достапни линкови

Изостанува осуда од домашната и меѓународната јавност, сметаат експертите


Сквернавењето на гробовите и спомен обележјата на загинатите хрватски бранители во Бугојно, е последен од низата напади врз верски објекти и религиски претставници во Босна и Херцеговина. Сеуште е свеж примерот со неодамнешниот напад на владиката Хризостом во кој се здоби со тешки телесни повреди. Бројни се и примерите на каменување на православни цркви, а Министерството за внатрешни работи на Република Српска годинава регистрирало осум случаи на напад на џамии и случаи на верска навреда. Во најголем број од овие случаи, сторителите не се откриени.

Според мислењето на Срѓан Диздаревиќ, претседател на Хелсиншкиот Комитет за човекови права во Босна и Херцеговина овие напади се случуваат континуирано, години наназад, притоа без осуда од официјалните власти или од меѓународната заедница:

„После онаа фаза на насилство и обидите за етничко чистење преку насилство, сега со овие напади, сквернавење на верски објекти, напади на свештеници итн. се испраќа порака дека припадниците на помалку бројните верски и национални заедници, не се добре дојдени. Сметам дека се работи за континуитет, дека се работи за нешто за кое не само што нема осуда од верските и политичките лидери, туку и меѓународна заедница и полицијата не делуваат као што треба за да се сопрат овие напади.“

Во Исламската верска заедница во Босна и Херцеговина веруваат дека нападите врз верските објекти и личности ќе продолжат поради отсуството на реакција за нивно спречување од властите, вели Мухарем Омердиќ:

„Инсистираме сторителите да се откријат и да се казнат. Бројни се нападите врз верски објекти во Република Српска. Годишно ги има и по неколку стотини, а сторителите никогаш не се пронаоѓаат.“

посочува Омердиќ. Владиката на херцеговачкиот регион Григорије истакнува дека моменталната состојба во Босна и Херцеговина е поразителна, а голем дел од одговорноста според него носат и верските претставници, бидејќи не ги учат верниците на помирување:

„Гледате како се случува, колку луѓето се слаби. Во Мостар каде што србите се малцинство, се каменуваат православните цркви. Во Босански Петровец е претепан владика. Не е претепан ниту во Бањалука, ниту во Требиње туку таму каде што е незаштитен. Од друга страна пак, таму каде што муслиманите или хрватите се малцинство, луѓето се прават храбри, ги напаѓаат. Не успеваме да ги научиме луѓето, да бидат луѓе.“

истакнува владиката Григорије. Меѓуверскиот совет на Босна и Херцеговина започна активност за евидентирање на сите напади врз верски објекти или претставници за да се соберат точни податоци кои што ќе им бидат претставени на надлежните органи и ќе биде побарана поактивна заштита.
XS
SM
MD
LG