Достапни линкови

Одлагањето на решавањето на статусот – главна причина


Изработката на новиот нацрт устав на Косово е забавена, велат во Уставната комисија. Како главни причини се наведуваат одлагањето на решавањето на косовскиот статус и неучеството на претставниците на српската заедница во работата на оваа Комисија.

Нерешавањето на статусот на Косово е главната причина за одолговлекување на работата на изработка на нацрт новиот устав. Претседателот на Уставната Комисија во рамките на преговарачката екипа Хајредин Кучи сепак вели дека постојат и други пречки:

„Забавувањето на процесот на решавање на статусот директно или индиректно влијае врз изработката на Уставот. Исто така потребна е работа за хармонизација како на национално ниво, во меѓународната заедница, така и со малцинствата.“

Вели Кучи. Од друга страна, Рам Манај, член на Комисијата, смета дека не треба да се брза со изработката на највисокиот правен акт и додава дека документот ќе биде подготвен на време.

„Сметам дека нема забавување и оти не треба да се брза. Предлог уставот на време ќе му биде предаден на Собранието.“

Менај додава дека предлог уставот ќе биде изработен во соработка со сите членови на Комисијата, како и со домашните и меѓународните стручњаци. Во рамките на Комисијата за изработка на Уставот постојат работни групи, меѓу кои е и онаа за правата на заедниците. Претставници на косовските срби би требало да се дел од оваа Комисија, но тие се уште не учествуваат во нејзината работа. Според Драгиша Крстовиќ од Српската листа за Косово и Метохија, србите не можат да бидат членови на Уставната комисија, бидејќи, како што вели, немале легитимитет.

„Уставот е сериозна работа и таму може да се учествува ако имате легитимитет, а ако го немате тогаш неможе. Според тоа, ние сметаме дека го немаме тој легитимитет. Него не го добивме на изборите и не можеме да бидеме во комисијата.“

Вели Крстовиќ. Инаку, според Хајредин Кучи, веќе била востановена правната и политичката основа на новиот устав. Тоа подразбира дека Уставот на Косово ќе се заснива врз волјата на мнозинството, врз планот на посредникот Марти Ахтисари и врз правичната застапеност на малцинствата.

„Овој принцип треба да се формализира преку резолуција на Советот за безбедност на Обединетите Нации, а ако до тоа не дојде тогаш најмалку со одлука на Собранието на Косово.“

Вели Кучи кој очекува одлуката за уставот на Косово да биде донесена по дефинирањето на конечниот статус.
XS
SM
MD
LG