Достапни линкови

Индивидуалните дизајнери нелојална конкуренција за компаниите за веб дизајн


За изработка на една веб страна, фирмите од Македонија напалаќаат од 400 до 1000 евра. За разлика од нив, луѓето кои работат без регистрирана фирма, за истата работа наплаќаат по сто евра. По неколку години работа во фирми, веб дизајнерот Александар, одлучил да работи самостојно. Страните ги изработува сам, без регистрирана фирма, а вели дека заработува добро:

„Малку е потешко затоа што треба да се справиш сам со клиентите, треба да ги тераш и преговорите, а не само работата како веб дизајнер, туку треба и комуникација со луѓе. Во другото е добро, затоа што повеќе се исплати, а самиот може да го одредиш и времето на работење,“

вели Александар и додава дека поголемиот број од клиентите за кои работи се од Америка и Индија. Според веб дизајн студијата, секоја компанија, која сака квалитетно изработена страна треба да се обрати кај нив, бидејќи како што велат тие, на своите клиенти им даваат гаранција и работат со лиценциран софтвер:

„Тоа што може да го понуди една фирма којашто има изработено и административна платформа зад веб страна, некој индивидуалец не може тоа да го изработи и да го понуди по цена по која може фирмата,“

вели Марко Радоњиќ, маркетинг директор во Бабиолон Софтвер Солушн. Тој исто така посочува дека слободното дизајнерство е распространето и претставува нелојална конкуренција на фирмите што се занимаваат со изработка на веб страни и дека за сега никој во Македонија не контролира:

„Луѓето кои работат дизајн може да сработат на своја рака за што наплаќаат многу ниска цена, којашто влијае на нашата работа како фирма. Но, тоа од една страна е појава во опаѓање, затоа што фирмите се повеќе се сериозни и имаат лоши искуства со индивидуалци коишто ја работат таа работа, што не значи дека сеуште не постои тој проблем.“

Од министерството за развој на информатичко општество немаат став по ова прашање.
XS
SM
MD
LG