Достапни линкови

Косово нема еднострано да прогласи независност и ќе се координира со САД и Европа


Косово нема еднострано да прогласи независност. Ќе се координира со Соединетите Држави и Европа, изјавија косовските претставници по вчерашните разговори во Вашингтон. Во Брисел пак, најавуваат интензивни преговори во наредниве сто и дваесет дена со цел да се најде заедничко прифатливо решение кое, како што е оценето, ќе ја зачува стабилноста на Балканот.

,,Косово ќе биде независно, но тоа нема да го направиме еднострано,, изјави косовскиот претседател Фатмир Сејдиу кој заедно со премиерот Агим Чеку ја предводеше косовската делегација на разговорите во Вашингтон со американски претставници, меѓу кои и државниот секретар Кондолиза Рајс. Сепак, според Сејдиу, Косово не може да да остане заложник на обструкцијата на некои земји, јасно алудирајќи на Русија која во минатиот петок во Обединетите Нации ја блокираше нацрт резолуцијата за надгледувана независност на Косово, што всушност стои и во предлогот на посредникот Марти Ахтисари.

„На крајот од овој процес би требало Косово да стане независно врз основа на планот на Ахтисари. Прашањето е како да се стигне до таму? Токму за ова разговараме со нашите европски сојузници, како и со руската влада. Ќе ја вклучиме и владата во Србија.“

Изјави портпаролот на американскиот Стејт Департмент Шон Мекормак, дополнувајќи дека Вашингтон сфаќа оти Косово е тешко прашање за Србија.

„Една од работите што им ја советуваме на сите страни е дека од ничиј интерес е да се обидат да го прекинат дипломатскиот процес. Бидејќи последна работа што некој сака да ја види е обновување на насилствата што еднаш ги видовме во тој дел на светот.“

Вели Мекормак. Дека дипломатијата и натаму е потребна во решавањето на косовкото прашање и убедена и Европската Унија чии министри за надворешни работи заседаваат вчера во Брисел.

„Мислам дека, општо говорено ние знаеме каде се движиме долгорочно. Но, притоа е крајно важен и начинот на кој ќе го постигнеме тоа. За да ја зачуваме стабилноста на Балканот и стабилноста на решението ни треба период на дипломатија.“

смета шефот на шведската дипломатија Карл Билд.
Еврокомесарот Хавиер Солана пак, по состанокот во Брисел, го најави продолжување на преговорите за Косово, но со забелешка дека тие нема да бидат бесконечни.

„Би сакале на преговорите да им дадеме шанса и затоа со нашите американски и руски пријатели ќе видиме како ќе можеме да ги покренеме. Ги повикуваме и Белград и Приштина да се вклучат во овој процес кој нема да биде бесконечен.“

Изјави еврокомесарот Хавиер Солана.
XS
SM
MD
LG