Достапни линкови

Груевски и Ахмети и натаму со различни објаснувања за постигнатиот договор


И покрај обидите на вонредната собраниска седница да се разрешат дилемите околу тоа што било договорено меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, двете страни останаа на своите првични верзии. Во обраќањето на собраниската седница премиерот Никола Груевски уште еднаш повтори дека станува збор за усмен договор и оти е постигната согласност за три точки – за 45 закони според Бадентер, за рекомпонирање на Комитетот за меѓуетнички односи и да се донесе закон за истоимениот Комитет:

„Не постигнавме согласност за барањето на ДУИ да се донесе закон за употреба на јазиците зашто со тоа во Македонија практично ќе се прогласи двојазичност. И барањето закон за борците на ОНА не е дел од Охридскиот договор. Третата работа за која не постигнавме согласност со ДУИ е избор на владата по Бадентеровиот принцип.“

И лидерот на ДУИ Али Ахмети потврди дека е постигната согласност со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, но според него содржината на договореното е поинаква:

„Договорот е 46 закони и јас ќе ве молам да не придонесуваме повеќе во насока на понатамошна комедија.“

Дилемата се обиде да ја разреши Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ:

„46 закон, законот за јазици неможеме да го ставиме во Деловникот на Собранието, бидејќи ваков закон не постои во правниот систем на Македонија. Одбивме да разговараме за борците на ОНА, туку разговаравме за жртви од конфликтот.“

Јасно е дека договор има, но сеуште не се разјаснети прашањата што биле договорени, рече Славица Грковска од СДСМ.

„Имаме договор, но ВМРО ДПМНЕ не сака да признае дека има договор. Еднаш имаме 45 закони, сега имаме 46 закони. Вие незнаете што да правите со договорот што го склучивте и незнаете како да се обратите на своето членство.“

Денешната вонредна собраниска седница е иницирана од пратеникот Ѓорѓи Оровчанец од Нова Алтернатива.
XS
SM
MD
LG