Достапни линкови

Почитување на секуларното уредување, најави актуелниот премиер Реџеп Ердоган


Турската владејачка Партија на правдата и развојот ја прославува победата на вчерашните предвремени парламентарни избори. Лидер на оваа исламска партија и актуелен премиер Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе го почитува секуларното уредување на Турција.

На вчерашните предвремени парламентарни избори во Турција убедливо победи Партијата на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Таа, според последните резултати, доби четириесет и седум насто од гласовите или триста триесет и девет пратеници во парламентот во кој има петстотини и пеесет места. Само уште две други партии го минаа потребниот праг од десет насто за влез во собранието. Секуларната Републиканска народна партија со над сто и дваесет пратеници и десничарското Национално движење со седумдесет и едно пратеничко место. На вчерашните избори гласаа осумдесет насто од четириесет и двата милиона граѓани со право на глас кои избираа меѓу четиринаесет партии и околу седумстотини независни кандидати. По изборите Ердоган ги повика граѓаните на единство и се обврза дека ќе ги почитува републиканските вредности, меѓу кои и секуларното уредување на државата.

,,Како што можете да видите, единствено нешто што сите не обединува се нашите цели. Ќе ја зцврстиме нашата демократска, секуларна влада, базирана врз социјалните закони.,,

Рече Ердоган, додавајќи дека нема да прави никакви отстапки на штета на овие основни принципи на Републиката и оти Турција ќе биде посветла под светилката на Партијата на правдата и развојот.

,,Доследно ќе продолжиме да работиме да станеме членка на Европската Унија. Нашиот интерес е подобар живот за нашите граѓани.,,

Изјави Ердоган кој ги распиша изборите четири месеци пред редовниот термин, со цел да се реши политичката криза откако парламентот не успеа да го избере неговиот сопартиец, министерот за надворешни работи Абдула Ѓул, за нов шеф на државата. Против него кој се смета за приврзаник на исламизмот застанаа моќниот воен врв и секуларните партии со обвинувања дека ќе ја турне Турција во ирански стил на технократија. Токму ваквото предупредување од офицерите, според Абдула Ѓул, и помогна на неговата партија за време на кампањата, бидејќи гласачите, како што наведе, биле лути од мешањето на воениот врв во политичкиот процес во Турција. Новиот параламент веднаш ќе се соочи со неколку важни прашања, вклучувајќи ги изборот на претседател на државата и решавањето на конфликтот со курдските сепаратистички бунтовници на југоистокот на земјата.
XS
SM
MD
LG