Достапни линкови

Со одлука на владата - скратено работно време за државната администрација


Ден откако поради високите температури, владата донесе одлука за скратено работно време на државната администрација, работодавците во приватниот сектор се уште размислуваат дали ќе ја почитуваат владината препорака. Засега немаме поплаки од работниците на терен, вели Марјан Додевски, сопственик на една градежна фирма.

„Ќе видиме каква е ситуацијата уште денеска – утре, па ќе преземеме нешто. Ако продолжи трендот ќе направиме нешто.“

Некои сопственици на приватнипретпријатија велат оти нема потреба да го скратат работното време, оти нивните вработени имаат поволни услови за работа.

„Кај мене е се климатизирано, и погоните и зградата, не работам по македонски услови,“

вели Драган Михајловски, сопственик на леарница.

Од друга страна пак работниците во приватниот сектор велат дека не се известени за промена на работното време. Нас никој не не прашува како издржуваме на овие температури, вели една хигиеничарка во приватна фирма.

„Многу тешко, особено за нас, од пониска работничка класа, внатре има клима во канцелариите, ама за нас не, не смееме да бараме, зашто веднаш ќе добиеме отказ.“

Во државните институции почнала да се почитува владината одлука, потврдува Цветан Велковски, раководител во јавното претпријатие Комунална хигиена

„Се договоривме после 13 часот да си одат работниците.“

Иако одлуката за скратено работно време важи само за државните органи, од владата најавија казни и за приватните фирми каде ќе бидат забележани неправилности во работењето.

„Вo бизнис секторот и граѓанскиот сектор скратеното работно време го препорачуваме, а ако го прекршат законот, во однос на просторот и условите, тогаш задолжително мора да се спроведе, а ако не следат санкции,“

изјави министерот за здравство Имер Селмани

Оваа најава пак не ги плаши работодавците

„Тие немаат законска основа да не казнат. Тие може само да даваат препораки и да укажуваат.“

И од Државниот инспекторат за труд најавија интензивни контроли кај работодавачите, со цел штетните последици од високите температури помалку да влијаат врз здравјето и работењето на работниците.
XS
SM
MD
LG